Емоции, факели, аплауз: Соседите и другарчињата ѝ посакаа добредојде на храбрата Ангелина, која ја победи болеста


 

Малата Ангелина успеа да се избори со страшната болест со помош на медицинскиот персонал од Детската клиника.

Пред десетина дена храбрата Ангелина ја израдува целата јавност – таа е уште едно детенце кое успешно ја избори битката и ја победи болеста.

Таа на 28 јуни заѕвони на ѕвончето од Детската клиника што значи крај на нејзиното лекување, а радоста на отчукување на ѕвоното ја сподели заедно со нејзиното помало братче.

Здружението за помош на деца со малигни заболувања и нивните родители САНО објави видео од малата хероина Ангела која ја победи болеста и заѕвони на ѕвончето во Детската Клиника. Таа си замина здрава дома, а во целиот процес имала голема поддршка од братчето Дамјан кој заедно со неа заѕвони на ѕвончето.

– Нека грми сè од смеа и ѕвончето нека се слушне до крајот на светот, сестрата на Дамјан здрава си оди дома! Ете така Ангела си замина од Клиниката за детски болести! Бравооо, те сакаме херојке наша! стои во објавата.

Вечерва, пак, нејзините соседи во населбата Ново Лисиче направија вистински спектакл. Другарчињата од училиште и цела наслеба и посакаа добредојде дома!

 

Ангелина има цело лето пред себе, а од септември сака да се врати во училишните клупи и заедно со својот клас да го продолжи образованието.