Емилија Елександрова: Мицкоски го претвори ВМРО-ДПМНЕ во кукавичко гнездо


Емилија Александрова од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ го обвини Христијан Мицкоски дека поради лична корист сака свикување на лидерска средба и дека поради тоа што сака да се ослободи од досегашните пратеници се спротивставува на повторното свикување на Собранието. Во изјава за „Независен“ таа вели дека Мицкоски ја претворил партијата од „државничко во кукавичко гнездо“.

Во изјавата Александрова нагласува дека „секој ден им нови небулози од  т.н. претседател на ВМРО-ДПМНЕ, односно тоа што остана од моето ВМРО-ДПМНЕ. Нова лидерска средба само за одложување на изборите, понижување на пратениците и желба дека некоја несреќа за државата ќе помогне за да извлече корист. Наместо гласна опозиција со идеи, кои ќе ги брани жестоко во Собрание, ние имаме бледи изговори. За победа треба обединувачки капацитет, реформи и искреност. Се препелкаат луѓе на пресови за договорот со Бугарија, за кој чувме дека за Христијан е ‘всичко добре’“.

Таа вели дека Мицкоски ја „претвори партијата од државничко во кукавичко гнездо на некое ново редифинирано ВМРО. Имаме кукавици, секако не сите, кои се подготвени само за пресови, но никако да се фатат за работа и директно да се вклучат во бранење на државните интереси“ и ги наведува случаите со референдумот и уставните измени.

Александрова прашува и во кое својство Христијан Мицкоски и Зоран Заев „ќе одлучуваат на лидерската средба“, која ја бара ВМРО-ДПМНЕ. Според неа, Мицкоски сака што е „можно поскоро да се ослободи од пратениците кои ги вика поранешни. Вакво понижување во историјата на парламентарната политика нема доживеано ниту еден друг состав на вмровски пратеници“.

Според неа, лидерите влегувале во решавање на проблемите, не бегале од нив, а Мицкоски ги злоупотребувал само за лична промоција во време кога сѐ е свртено во борбата кон вирусот Ковид-19. Таа уште го повикува да им даде шанса на многу луѓе во ВМРО-ДПМНЕ да го кажат своето мислење, „но потоа да не ги избркаш“. (Р.Н.)