Емилија Алексовска и Џоко Диков – кандидати за член на Судскиот совет


Фото: Б. Грданоски

 Комисија за прашања на изборите и именувањата со седум гласови „за“ и ниту еден против и воздржан на денешната седница ги утврди предлог кандидатите – Емилија Алексовска, адвокат од Куманово и Џоко Диков, адвокат од Струмица за член на Судскиот совет.

Согласно Законот за судски совет, како што појасни претседателот на Комисијата Ѓорѓија Сајкоски, во рок од три дена од спроведување на интервјуто, Комисијата за селекција утврдува ранг-листа на кандидати со образложение за секој кандидат поединечно. Листата ја доставува до Комисијата за прашања на избори и именувањата на Собранието на Република Македонија, во рок од два дена ја објавува ранг-листата со поединечно бодување на секој кандидат и му предлага на Собранието двојно повеќе кандидати од бројот на членови на советот што треба да бидат избрани, водејќи се од редоследот на ранг-листата под услов да има доволен број пријавени кандидати. Комисијата за селекција до Комисијата за прашања на избори и именувања достави записник од спроведено интервју со кандидати по огласот за избор на член на Судскиот совет на Република Македонија.

На предлог на претседателот на Комисијата, членовите едногласно ја донесоа предлог одлуката за именување на Филип Саревски за член на Управниот одбор на Агенцијата за цивилно воздухопловство.

Саревски, како што појасни Сајкоски, е дипломиран авиоинженер и магистер по воздухопловна техника и технологија и работи во Агенцијата за цивилно воздухопловство.

– Филип Саревски е раководител на Одделение за пловидбеност, национален САФА координатор, инспектор за пловидбеност и техничко одржување, магистер авиоинженер и техника и технологија, дипломиран авиоинженер по воздухопловна технологија и технологија авионика, средно образование има математички науки. Работи во Агенцијата за цивилно воздухопловство и како истакнат член и човек кој што е одвнатре го предлагам да биде член на Комисијата за член на Управниот одбор на Агенцијата за цивилно воздухопловство, истакна Сајкоски. 

Тој доаѓа на местото на Весна Павлов, чиј мандат истекува на 18 ноември оваа година.

На денешната седница на предлог на претседателот Сајкоски, беше утврдена и предлогот одлуката за именување на Марко Димитриоски за член на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.

Марко Димитријевски, како што образложи Сајкоски, е дипломиран машински инженер и доктор по машински инженеринг. Завршил Машински факултет на Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје, а докторирал на Машинскиот факултет, Институт за индустриско инжинерство – Скопје.