ЕМА: Вакцината на „АстраЗенека“ е високо ефикасна, згрутчувањето на крвта е многу ретко
Попладнево министрите за здравство на ЕУ ќе одржат итен состанок по заклучоците на Европската агенција за лекови
Емер Кук, шеф на Европската агенција за лекови (ЕМА), поладнево на на виртуелна прес-конференција изјави дека дека „Европската агенција за лекови потврди дека придобивките од вакцината АстраЗенека во спречувањето на Ковид-19 се поголеми од ризиците од несакани ефекти“.
Ковид-19 е поврзан со ризик од хоспитализација и смрт. Пријавената комбинација на згрутчување на крвта и ниски тромбоцити е многу ретка, а вкупните придобивки од вакцината во спречувањето на Ковид-19 ги надминуваат ризиците од несакани ефекти.
Таа рече дека вакцината „се покажала како високо ефикасна“ во спречување на тешка болест и хоспитализација и дека ризиците од згрутчување на крвта се „многу ретки“, иако треба да се наведат како можен несакан ефект кај сите возрасти, и кај мажи и кај жени.
„Важно е и вакцинираните лица и здравствените работници да бидат свесни за знаците и симптомите на овие необични нарушувања на коагулацијата на крвта, така што тие ќе можат брзо да се забележат за да се минимизираат сите можни ризици“.
Таа рече дека фактот дека несаканиот ефект бил откриен илустрира дека системот за надзор на вакцината функционира добро. Кук рече дека националната одлука за употреба на вакцината „ќе ја земе предвид пандемската состојба во која било земја и други фактори, како што се хоспитализација и достапност на вакцини“.
„Едно веродостојно објаснување за комбинацијата на тромби и ниски тромбоцити е имунолошкиот одговор, што доведува до состојба слична на онаа што се гледа понекогаш кај пациенти третирани со хепарин“, соопшти претходно ЕМА.
Комитетот за безбедност на ЕМА испита вкупно 86 случаи на згрутчување на крвта, од кои 18 биле фатални. Заклучно со 4 април, имало вкупно 222 случаи на згрутчување на крвта меѓу 34 милиони луѓе вакцинирани со вакцината на „Оксфорд/АстраЗенека“, што значи еден случај на 153.000 вакцинирани.
Повеќето случаи на нарушувања на згрутчување на крвта се случиле кај лица под 60-годишна возраст и кај жени во рок од две недели по вакцинирањето, но ЕМА заклучила дека возраста и полот не се одредувачки фактори за овие ретки реакции на ударот, рече Сабине Штраус, претседател на комитетот на ЕМА за безбедност на вакцините.
Министрите за здравство на Европската унија попладнево во 18 часот ќе одржат состанок за вакцинацијата по прес-конференцијата на ЕМА за да одлучат како да оди имунизацијата, соопшти претседателството на ЕУ.
Министерката за здравство на Португалија, Марта Темидо, која е претседавач, ќе биде домаќин на собирот „по објавувањето на јавноста за заклучоците на Комитетот за проценка на ризикот од фармаковилантност на ЕМА за безбедноста на вакцината АстраЗенека“, напиша портпаролот на португалското претседателство на Твитер.
Британскиот премиер Борис Џонсон денеска изјави дека владата верува дека вакцината на „АстраЗенека“ е „безбедна“. „Но клучната работа за секој е да слуша што ќе кажат научниците и медицинските експерти“. (Н.В.)