Ем советник, ем вработен во суд – го слуша сведочењето на шефот


Советникот на премиерот Зоран Заев, кој  истовремено е вработен во Кривичниот суд, Горан Стаменковски, во четвртокот седна на последните столчиња наменети за јавноста и го следеше сведочењето на Заев за масовното прислушување.

Стаменковски е раководител на секторот за човечки ресурси во Кривичниот суд и новинарите често можат да го видат на дел од рочиштата. Тој го следеше судењето за случајот „Поткуп“ за кој Заев доби ослободителна пресуда, се појави во својство на јавност кога му беше изрекувана пресудата на поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков, за случајот „Титаник 2“, а последно го слушаше премиерот на „Таргет – тврдина“.

Како раководител на овој сектор неговата работа подразбира менаџирање со вработените во Кривичниот суд, но самиот Стаменковски и претседателот на Кривичниот суд , Иван Џолев тврдат дека тој како вработен во судот има право да присуствува на било кое рочиште.На нашето прашање, во кое својство Стаменковски го следел рочиштето на кое сведочеше премиерот, тој ни одговори дека присуствувал таму како вработен во судот, како раководител на секторот за човечки ресурси.

„Како вработен во судот, како раководител на секторот за човечки ресурси. Вработените во судот имаат право да следат рочиште кога е отворено за јавност, рочишта следат и стручни соработници, волонтери. Тоа не е никаков проблем“, вели Стаменковски во изјава за „Независен весник“.

Според него, нема никаков судир на интереси во неговото присуство на судењето во публика бидејќи тој го советувал премиерот за социјална политика.

„Советник за социјална политика не е нешто поврзано за судството. Ннемам никава врска со судство, ниту некој ме прашал за суд, ниту за нешто поврзано со судот“, ни изјави Стаменковски. На наше прашање кој проценува на кои судења треба да присуствува, советникот на премиерот вели дека присуствуваат на судења на кои сметаат дека треба да одат и дека биле во јавност и кога немало политички судења.

Но, ниту тој, ниту претседателот на Судот не одговорија дали следењето на рочиштата е во описот на работното место на Стаменковски.

„Како судски човек дозволено му е да присуствува, и не само на него, дозволено е да присуствува било кој друг. Јавноста е дозволена за секого. Често пати и стручни и други вработени присуствуваат на судења“, ни изјави Џолев.

Стаменковски е на листата надворешни соработници на премиерот со месечен хонорар од 30.000 денари.

Премиерот Заев ја коментираше неговата поврзаност со Стаменковски уште кога му се судеше за случајот „Поткуп“ и рече дека тој е административно лице во судот и нема одлучувачка позиција, бидејќи не е ниту судија, ниту поротник. Тој најави дека Стаменковски има намера да излезе од судот.

„Господинот Стаменковски според образованието што го има во делот на социјалната политика има намера да излезе од судот, затоа е и ангажиран за советник. Верувам дека некогаш ќе работи на својата професија. Тој не е одлучувачко лице тука, се работи за административно лице кое го запознав на шарената револуција, на одењето по улиците“, изјави тогаш Заев.

Откако доби ослободителна пресуда за „Поткуп“, премиерот Заев минатата недела се појави во суд како сведок за клучниот случај на Специјалното јавно обвинителство, „Таргет-Тврдина“, односно за масовното прислушување во УБК, кое го обелодени токму тој.

Сепак во сведочењето не го спомена ниту еднаш Мијалков, како одговорен за прислушувањето, а на врвот на оваа организација која прислушуваше околу 20.000 граѓани се најде премиерот Никола Груевски. Заев во изјава за медиумите порача дека Мијалкво е виновен, но дека целата лошотија доаѓала од Груевски. Поранешниот премеир пак не е ниту обвинет за овој случај.

Горан Стаменковски имаше судски спор со поранешниот претседател на Кривичниот суд, Владимир Панчевски, и ја доби тужбата за мобинг што ја поднесе откако беше разрешен од функцијата поради присуство на протестите на Шарената револуција.(Ф.Ф.С.)