Ем „класична алапача“, ем најлош – квалификации на Александар Николоски за шефот на државата

Политичкиот речник во Македонија секој ден се спушта сѐ подолу и подолу. Откако претседателот Стево Пендаровски на неколку пати се обиде да изгради мостови кон ВМРО-ДПМНЕ, тој сега дочека од потпретседателот на партијата, Александар Николоски, да биде нарече „класична алапача“. Ваквите квалификации за шефот на државата преминуваат неколку граници и тие изгледаат како пакет со заканите и омаловажувањата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кон експертите кои се дел од работната група за уставните измени.
Во интервју за неделникот „Фокус“ Николоски го карактеризира Пендаровски како „најлошиот претседател што го имала Македонија“ и зборувајќи за него како личност го вели ова:
„Се работи за најслабата личност што дошла на оваа позиција. Се работи за една класична алапача, озборувач, кој времето го троши во озборување од политички пријатели до политички опоненти, најчесто со ваши колеги новинари на седенки на кои раскажува прикаски за други личности и најчесто му се неточни. Агенцијата за разузнавање ја претвори во Агенција за собирање трачеви и афери и на тој начин ја уништува. Многу е тажно работниот ден да ви се сведува на барање на личност со која ќе потрошите 2-3 часа и ќе раскажувате кој е здрав, кој болен, кој има проблеми во приватниот живот, кој со кого бил и каде е виден“.
Николоски тврди дека не можел да се сети на ниедна политика што ја реализирал Пендаровски: „Овде се работи за човек кому сè уште не му е јасно дека веќе не е политички аналитичар, туку дека е носител на највисоката позиција во државата. Точно е дека нема големи овластувања, но никој не му забранува да ги собере економските ресори во Владата и да направат турнеја низ Европа да убедуваат инвеститори“.
Кабинетот на Пендаровски реагираше велејќи дека Николоски е познат по тоа што редовно шири лажни вести, дека е осуден за клевета и дека личности како потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ не би требало да бидат предмет на интересирање на медиумите.
„Претседателот Пендаровски смета дека политичари без интегритет, кои редовно шират лажни вести, не треба да бидат предмет на медиумски интерес со цел да се заштити јавноста од нивниот уличен вокабулар. Александар Николоски е правосилно осуден од страна на македонските правосудни органи за дело клевета, а веќе претходно имаше и наводи во јавноста дека обвинителството отворило и водело предистражна постапка под сомнение за извршено кривично дело злоупотреба. Овие информации доволно говорат за кредибилитетот и личниот интегритет на тоа лице“, рекоа од кабинетот на шефот на државата.