Елон Маск купи 9,2 отсто од Твитер за 2,9 милијарди долари и стана најголем акционер

Акциите на платформата скокнаа по веста дека шефот на „Тесла“ и „Спејс икс“ поседува 9,2 отсто од компанијата


Милијардерот Елон Маск презеде удел во Твитер за речиси 3 милијарди долари и стана најголемиот акционер на популарната платформа за микроблогирање.

Најбогатиот човек на светот, кој има склоност кон ексцентрично однесување кое често вклучува објави на Твитер, се стекна со 9,2 отсто од акциите на Твитер, според поднесоците до Комисијата за хартии од вредност на САД (SEC) во понеделникот.

Шефот на „Тесла“ и „Спејс икс“, кој со повеќе од 80 милиони следбеници е рангиран во првите 10 најпопуларни корисници на Твитер на глобално ниво, плати 2,89 милијарди долари за уделот по затворената цена на акцијата на „Твитер“ во петокот.

Акциите на страницата за микроблогирање пораснаа за дури 26 отсто во претпазарното тргување по ваквите вести, додавајќи повеќе од 8 милијарди долари на пазарната вредност од 31,5 милијарди долари пред да се објави интересот на Маск. По скокот на цената на акциите, уделот на Маск сега вреди околу 3,6 милијарди долари.

Маск, кој само минатата недела рече дека „сериозно размислува“ за изградба на сопствена платформа за социјални медиуми, сега има удел од над четири пати повеќе од оној на ко-основачот на Твитер Џек Дорси од 2,25 отсто.

Педесет годишникот – кој има лично богатство проценето на 289 милијарди долари, речиси 100 милијарди долари повеќе од следната најбогата личност во светот, основачот на Амазон, Џеф Безос – често се наоѓаше во неволја поради твитање спорни забелешки.

Еден од многуте контроверзни моменти на Маск на Твитер е и оној кога Вернон Ансворт, нуркачот кој помогна да се спаси тим млади фудбалери заглавени во поплавената пештера во Тајланд, го нарече „педо момче“ откако го критикуваше неговиот план да ги спаси со подморница.

Маск на крајот ги избриша твитовите и му се извини на Ансворт, кој тужеше за отштета од 190 милиони долари за твитовите. Поротата утврди дека шефот на „Тесла“ не го клеветил Ансворт, а по пресудата Маск им рекол на новинарите во ходникот на судницата: „Мојата вера во човештвото е вратена“.

Аналитичарите веруваат дека уделот на Маск, кој беше силно критичен кон Твитер, веројатно ќе резултира со негово активно интересирање за страницата за микроблогирање што може да доведе до откуп.

„Би го очекувале овој пасивен влог како почеток на пошироки разговори со одборот/менаџментот на Твитер што на крајот може да доведе до активен удел и потенцијална поагресивна сопственичка улога на Твитер“, рече Ден Ајвс, аналитичар во Wedbush Securities.