Елмас се сели во Наполи, Италијанците се договориле со Фенербахче


Наполи ги финализира преговорите со Фенербахче за трансферот на Елиф Елмас уште денес.

Според турските медиуми, 19-годишниот репрезентативец на Северна Македонија е овластен да преговара за своите лични услови со вицешампионот на Серија А, а според италијанските медиуми тие се веќе договорени.-

Италијанците пренесуваат дека сумата која Фенербахче ја бара е 25 милиони евра, додека Наполи нуди околу 15, па се верува дека турскиот и италијанскиот клуб ќе се договорат сумата да биде некаде на средина, или пак екипата од Неапол да плати 15 милиони евра, плус уште неколку милиони во бонуси, зависно од бројот на настапи и игрите на нашиот репрезентативец. Деталите од трансферот ќе бидат познати наскоро.

Карло Анчелоти лично се залагал за трансферот на 19-годишниот македонски „дијамант“, а италијанските новинари со воодушевување најавуваат дека станува збор за фантастичен млад играч.

Елмас се советувал и со Горан Пандев околу градот Неапол, а капитенот на македонската репрезентација со пофални зборови раскажувал за капацитетите и талентот на македонскиот талент, а таткото на Елиф и менаџерот Фаљи Рамадани кој е посредник во трансферот веќе имале неколку разговори со раководството на Наполи.

Според неофицијалните информации на италијанските медиуми, Елмас ќе заработува 1,5 милиони евра по сезона, а ќе потпише петгодишен договор со Наполи. Тие најавуваат дека за утре се закажани лекарските прегледи, а потоа и официјалното претставување на трансферот.

Елмас премина во редовите на турскиот гигант Фенербахче во 2017 година за само 180.000 евра тренинг компензација од Работнички.

Во последниве месеци за него интерес покажале Интер, Фиорентина, Борусија Дортмунд, Тотенхем и Атлетико Мадрид.