Елмас: Поразот од Полска е зад нас, веруваме во позитивен резултат против Австрија


Македонската фудбалска репрезентација на 10-ти јуни (понеделник) со почеток од 20:45 часот ќе ја пречека Австрија на Националната арена „Тодор Проески“ во рамките на квалификациите за ЕУРО 2020.

Како и на пресметката против Полска на која противникот од единствениот удар постигна одлучувачки погодок, нашата селекција и на овој натпревар ќе оди на добар резултат, фудбалерите на Игор Ангеловски ќе излезат со намера да покажат дека имаат доволно сила и капацитет за остварување на позитивен резултат.

Австрија прв пат гостува на Националната арена и досега не сме одиграле ниту еден меѓусебен дуел.

Нашиот репрезентативец Елиф Елмас верува во добра игра, а сето тоа да го потврдиме и со освојување бодови.

„Полска е веќе зад нас, покажавме одличен квалитет во играта и навистина штета што резултатот беше во нивна корист. Но, сега мораме да се фокусираме на Австрија. Апсолутно ги почитуваме австријците и претходно рековме дека овие два натпревари против Полска и Австрија ќе бидат најтешки за нас, но сега сме во ситуација да бараме бодови и ќе направиме се што е во наша моќ тоа да го постигнеме. Мораме да бараме шанса за погодок, да бидеме храбри, но максимално внимателни. Се надевам дека во најмала рака ќе бидеме на нивото од претходниот натпревар, но овој пат тоа да се вреднува преку бодовите на табелата“, изјави Елиф Елмас.