Елези: Приходите од ДДВ зголемени за 18,3 отсто, се очекуваат уште подобри резултати


Зголемена наплата на приходите во буџетот во јули има за 7,4 отсто, а најголем дел од тоа е од зголемувањето кај Данокот на додадена вредност од 18,3 отсто, соопшти заменик-министерката за финансии Ширет Елези, која очекува и во наредните месеци да има поголема наплата на ДДВ.

– Наплатата на ДДВ од почетокот на јули досега изнесува 75 милиони евра. Ова е раст од 18,3 отсто во однос на лани. Подобрената наплата на ДДВ, заедно со одличната наплата на персоналниот данок каде има зголемување над 14 отсто, на акцизите за 33 отсто, како и на придонесите за 11,3 отсто, придонесуваат наплатата на вкупните приходи во јули да биде повисока за 16 отсто во однос на лани. Со ова, од почетокот на годината досега приходите во државната каса се поголеми за 7,4 отсто во однос на лани, изјави Елези на денешната презентација на мерката „Мој ДДВ“ во Скопје.

Таа информира дека заклучно со денешниот ден скенирани се седум милиони фискални сметки, остварениот промет е над 3,5 милијарди денари, а пресметаниот ДДВ е во износ од 381,8 милиони денари, додека повратот кон граѓаните е 57,27 милиони денари.

Заменик министерката посочи и дека бројот на сторнирани сметки е намален за 15 отсто во овој период, а двојно е зголемен бројот на пријави за неиздадени фискални сметки во однос на минатата година.

Таа посочи дека како што ќе расте бројот на скенирани сметки, се очекува наплатата на ДДВ да остварува уште подобри резултати, како и да влијае на вкупната наплата на приходи во државната каса.

Апликацијата ја имаат преземено над 143 илјади граѓани, а од УЈП наведуваат дека со цел да се постигне уште подобра функционалност таа подлежи на промени.

– Бидејќи при користење на апликацијата корисниците нередовно ги преземаат новите верзии, Управата за јавни приходи на корисниците им испрати порака со насоки за ажурирање на новата, подобрена верзија. Земајќи ги предвид сугестиите на корисниците, во новата верзија има технички унапредувања во однос на скенирањето на фискалните сметки, истакнуваат од УЈП и додаваат дека системот мојДДВ непречено функционира и ажурирањето на апликацијата не влијае на фискалните сметки што граѓаните досега ги скенирале.

Според заменик-министерката со намерата на мерката е да се намали даночната евазија, што, како што рече е и едно од најголемите барања на стопанските комори и поддршка на бизнис заедницата, а од друга страна граѓаните кои се стратешки партнер на Владата во проектот да се мотивираат, а со тоа да добиваат и средства назад.

Одговорајќи на новинарско прашање за барањето за повеќе средства за ЈО, Елези рече дека законот е во фаза на преговоарање и сигурно дека во наредниот период, бидејќи имаме зголемена напалта на даноци и сите нови законски решенија треба да се преточат во планирање во буџетот согласно можностите.