Елена Дончева, Непоклатливата


Фото: Б. Грданоски

Јелена Лужина

 

Навидум кревка и фрагилна како оние русокоси грации на Ботичели (Botticelli); целоживотно дискретна и бесконечно трпелива; бесконфликтна и понизна до болка; работлива до немајкаде (а потоа и уште десетпати/стопати повеќе!);  креативна до вишните неба;  исполнителна и чесна до неверување…

 …Елена Дончева како да не му припаѓа на времето и – особено – на опкружувањето во кое, ете, самозатајно го минува целиот свој живот.  Со сѐ она што колоквијално се именува и/или нарекува Кариера.

Таа нејзина Кариера  на врвна, елитна костимографка – театарска, филмска, телевизиска и каква ли уште не – трае веќе половина век. Дури и повеќе: цели 55 години. 

Ако можеме да им веруваме на некои сумарни и „одокативни“ податоци, во текот на тие речиси незамисливи педесет и пет години  ботичелиевски кревката Елена Дончева обмислила, испонацртала, измерила, искроила, испробала, испосошила и – најпосле – „испооблекла“ околу 400 (четиристотини) театарски претстави (драмски, оперски и балетски),  купиште телевизиски драми плус „останатите“ телевизиски емисии од секаков вид, редица филмски проекти и едночудо инцидентни манифестации, секакви. Стасала, дури, двапати да ги прави и костимите за оние масовни државни спектакли по повод роденденот на Другарот Тито, изведувани од стотици и стотици учесници, на стадионот во Белград. Ќе морам некогаш да ја потпрашам за тие авантури и несомнено натчовечки напори!

Доколку повнимателно ги „прелистаме“ насловите на проектите кои Елена Дончева ги „облекуваше“ во текот на изминативе педесет и пет години   Кариера, несомнено ќе констатираме дека зад нив – зад тие проекти  – најчесто стојат големи бројки. Имено, најголемиот професионален и работен стаж – вкупно 27 години – Дончева го собрала  во Македонскиот народен театар, ама најмногу и најчесто како автор на оперски и балетски костими. Се разбира, ги облекувала и драмските претстави, дури отаде, што го потврдува и статистичкиот податок за костимографските награди освоени само на националниот фестивал „Војдан Чернодрински“ (петнаесетина…), ама во МНТ најчесто и најфреквентно работела опери и балети. Ерго, жанрови кои, за разлика од драмските форми, ангажираат неспоредливо поголем број учесници. И уште поголем број костими, не само солистички туку и оние компарсериски, за хоровите и за corps de ballet. Освен што секогаш ги има недоброј, оперските и балетските костими се, главно, покомпликувани за креирање и изведување. Во коридорите и зад сцената на МОБ, не еднаш, помеѓу чиновите, сум налетувала на ситничката и ботичелиевски кревката Елена Дончева на која не ѝ пречеше, ама никогаш, да биде и неформална гардероберка: натоварена со два-три огромни оперски костими од сопственото ѝ производство, кренати угоре, да не се туткаат…

Ако бројката од четиристотини костимографии е барем приближно точна, та ако таа бројка се подели со нејзините педесет и пет години професионална кариера, простата математика ќе потврди дека Елена Дончева – просечно – работела по седум (7) професионални проекти годишно.

Секој втор месец нов проект? Колку се тоа костими, во бројки: стотици, илјадници, десетици илјади? Колку скици требало да направи? Колку мерки да земе? Колку кроеви да исцрта и да исконтролира? Колку проби да одработи и – поважно – да ги издржи и да ги преживее? Секогаш трпелива, децентна, ненаметлива, бесконфликтна и хередитарно понизна…

Непоклатливата.