Електронско плаќање и на патарината Миладиновци


Патарина на наплатната станица Миладиновци на Коридор 8 од денеска може да се плаќа и по електронски пат со М – картичка. Електронската наплата на таа станица ќе се врши само со М-карт, но не и со М-таг како што е на останатите патарини на Коридорот 10.

Воведувањето електронско плаќање е самостоен проект на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПД).

– За да врши контрола и да се поврзе со системот на потегот Романовце Миладиновци спроведовме проект за електронска наплата на Миладиновци со Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) што изработија софтверско и хардверско решение. Направени се тестови и  функционира како што треба. На видни места има обележувања дека може да се врши електронска наплата, изјави за МИА Марко Брезовски, раководител на Одделението за наплата на патарини и контрола при ЈПДП.

На почетокот на јули годинава стартуваше електронскиот систем за наплата на патарините Романовце, Отовица, Сопот и Градско на Коридор 10, како и на наплатната станица Петровец, проект што се спроведе со кредит од Европската банка за обнова и развој.

Досега се продадени 10.337 електронски картички и тагови, и со таа бројка, како што вели Брезовски, се надминати проекциите на ЈПДП.  Зголемената продажба, потенцира, е олеснителна околност во поглед на организација на работата на патарините.

Според Брезовски, во текот на месецов ќе профункционира плаќањето патарини за моторџиите со новата воведена прва категорија 1А за нив. Со воведувањето на таа категорија што е подготвена и е вметната во ценовникот на ЈПДП моторџиите треба да плаќаат поевтина патарина на сите станици на коридорите 8 и 10.

Со заем од 13 милиони евра од Европската банка за обнова и развој,  ќе се финансира надградбата за електронска наплата на петте наплатни станици на Коридорот 8, како и изградбата на три нови станици (две на автопатот Миладиновци-Штип и една на автопатот во изградба Кичево-Охрид). Покрај подобрувањата на наплатниот систем, ќе бидат инсталирани и соларни панели на сите 15 патарини со цел да се промовира поголемо користење обновлива енергија.