Електронскиот попис во Бугарија никако да профункционира


Претседателот на Националниот институт за статистика (НСИ) на Бугарија, Сергеј Цветарски, е повикан пред Парламентарната комисија за дигитализација и информатичка технологија во Парламентот за да даде  објаснувања за проблемите со електронскиот попис на населението.

Пописот требаше да започне на 7 септември, но веќе трет ден граѓаните не можат да се пријават на специјално креираната страница или системот не ги препознава личните податоци на членовите на домаќинства.

Институтот продолжува да тврди дека е цел на хакерски напади, но не кажува дали ќе го продолжи електронскиот попис, кој треба да заврши на 17 септември. Во реалноста, три од десет дена од пописот веќе поминаа и не е јасно колку луѓе успеале да се пребројат електронски, но НСИ тврди дека нивните податоци се заштитени.

Во средата вечерта НСИ соопшти дека поради продолжувањето на проблемите со електронско броење пописот ќе биде привремено суспендиран, во
четвртокот следеше истата објава, така што денес не е јасно кога и дали воопшто
може да се оствари електронското попишување.