Електромобилите првпат на врвот во продажбата во Германија – најголемиот европски пазар
Електричните автомобили по првпат ги надминаа сите други видови погонски склопови во продажбата во Германија. Оваа бројка претставува огромна промена на најголемиот европски пазар на автомобили, што традиционално се поврзува со дизел-автомобилите, способни да минат стотици километри со брзина на автопат без никакви проблеми.
Според податоците од Германскиот федерален орган за моторен транспорт (КБА), Германците регистрирале 84.057 нови електромобили во јуни, што е зголемување од 78,2 отсто во споредба со истиот период лани. Класичните хибриди имаат удел од 83.315 регистрации, проследени од бензинските автомобили со 60.796 регистрации, дизел-возилата со 33.862 регистрации и „плаг-ин“ хибридите со 32.212 регистрации. Како резултат на тоа, електричните автомобили сега држат 28,4 отсто од вкупниот германски пазар на автомобили, додека хибридите имаат пазарен удел од 28,1 отсто.
Моделите со чист бензин минатиот месец завршија со удел од 20,5 отсто, додека дизел автомобилите освоија 11,4 отсто, а плаг-ин хибридите 10,9 отсто од пазарот.
Најголем „играч“ во сегментот на електромобили е „Модел ипсилон“ на „Тесла“ со 6.023 регистрации. Во категоријата на вкупни регистрации, „Фолксваген“ е убедливо најголемиот производител во Германија со вкупно 51.058 регистрации.
Најпродавани електромобили во Германија во јуни 2026 година: 1. „Тесла модел ипсилон“ – 6.023 регистрирани возила, 2. „Фолксваген ИД.3“ – 3.514 возила, 3. „Шкода енијак” – 3.383, 4. „Шкода елрок“ – 3.315, 5. „Бе-ем-ве Ик-1“ – 2.628, 6. „Мини“ – 2.327, 7. „Ауди А-6“ – 2.274, 8. „Фолксваген ИД.7“ – 2.248, 9. „Купра таваскан“ – 2.159, и 10. „Мерцедес-Бенз ЦЛА ЕВ“ – 2.048 регистрирани електрични автомобили.