Eлектричната Фиат Панда ќе се произведува во Србија


Белград-Меѓународниот конзорциум на производителот на возила „Стелантис“ денеска ја потврди одлуката за производство на својата идна верзија на моделот Fiat Panda со погон на струја во Србија, што во неделата во Белград соопшти претседателот на Србија Александар Вучиќ за време на посетата на iталијанската премиерка Џорџа Мелони, јави дописникот на МИА од Белград.

Тој план на Фиат предизвика жестоки протести на италијанските синдикати загрижени за судбината на работните места во италијанските фабрики на компанијата, пренесе АФП.

Fiat Panda се произведува во фабриката Pomiliano D’Arco во близина на Неапол, а електричната верзија се очекува во средината на 2024 година.

Сегашната верзија на „Панда“, која се произведува во Италија, целосно ги задоволува потребите на голем број корисници, особено на Италијанците, изјави портпаролот на „Стелантис“ и пренесе дека „не мисли дека ќе биде во конкуренција со моделот што ќе се произведува во Србија, кој ќе биде на друга платформа и различно позициониран“.

-Доколку дозволи развојот на регулативите и условите за конкурентност на фабриката Помиљано, имаме намера да го „продолжиме животот“ на постоечкиот модел и да го поддржуваме до доаѓањето на новиот моделски циклус, додаде тој.

Во знак на протест, синдикатот Fiom-Cgil изјави дека склопувањето на електричниот модел Fiat „Panda“ во Србија е „неприфатлива одлука на која се противи со сите средства“ и во име на работниците во Помиљано бара гаранции за сегашното ниво на производство и вработување во таа фабрика.

-Станува итно и неопходно да се знае каков тип на возило ќе ја замени сегашната „панда“, чие производство во Помиљано е планирано до 2026 година, додаде тој.

Таа тема ќе биде на дневен ред на првата тркалезна маса за автомобилскиот сектор што ресорното министерство ја организира во среда во Рим, а ќе присуствуваат и Стелантис, синдикатите и регионалните претставници.

Тој циклус на состаноци има за цел да создаде услови кои ќе му овозможат на Stellantis да произведува еден милион возила годишно во Италија до 2028 или 2030 година, изјави извор близок до разговорите.

Stellantis минатата година произведе само 685.753 возила во Италија, забавено поради недостигот на електронски чипови.

Двата најнови модели што ги претстави Fiat, малиот теренец SUV 600e веќе се произведува во Полска, а минијатурниот – супер-мини краток „Topolino“ за две лица ќе се произведува во Мароко, пишува AFP.