Елегантен и привлечен, вели „Холивуд репортер“ за „Диџеј Ахмет“ на Георги Унковски
„Елегантен и привлечен“, „Инспиративна приказна за созревањето…“ вели прочуеното филмско списание „Холивуд репортер“ во рецензијата за дебитантскиот филм „Диџеј Ахмет“ на Георги Унковски, кој синоќа премиерно беше прикажан на фестивалот Санденс во Парк Сити, Јута, во конкуренција за награди на програмата Светски филм. „Холивуд репортер“ е меѓу трите најголеми светски филмски списанија, заедно со „Вараети“ и „Скрин интернешенал“, кој пишува рецензии и за македонски филмови, што е престиж, а македонските медиуми ги пренесуваат.
Рецензијата на филмскиот критичар Џордан Минцер, насловена „Техно музиката и овчарството се судираат во трогателна приказна за созревањето“, почнува со реченицата : „Замислете си го ‘Безгрижен’ (Footloose) да се случува токму сега во едно мало село во Северна Македонија и ќе ја добиете атмосферата зад трогателниот игран филм деби на сценаристот и режисер Георги М. Унковски, ‘Диџеј Ахмет’“.
„Диџеј Ахмет“, на турски и македонски јазик, е драма со примеси на комедија за Ахмет, 15-годишно момче од забито јуручко село во Источна Македонија, кое наоѓа прибежиште во музиката и сонува да стане диџеј додека се справува со очекувањата на татко му, конзервативната заедница и неговото прво искуство со љубовта – девојка која веќе му е ветена на некој друг.
Се снимаше во селата Коџалија и Али Коч во Радовиш и во Скопје.
Во критиката меѓу другото стои: „Работејќи со претежно аматерска актерска екипа, Унковски успеал сите да создадат солидни натуралистички изведби, особено симпатичниот новајлија Јакуп“, како и „Режисерот и кинематограферот Наум Доксевски го капат филмот во златно светло кое е далеку од мрачниот изглед на многу уметнички филмови сместени во поранешните балкански земји“.
Филмскиот критичар исто така вели: „ Симпатичниот новајлија Јакуп глумејќи тинејџер чие лице е изгорено од сонце од секојдневната работа на планината и кој го носи истиот каллив комбинезон во речиси секоја сцена, постепено му открива на Ахмет дека е вистински бунтовник во стилот на Кевин Бејкон зад неговото селско однесување. И додека момчето никогаш не е блиску до вистински диџеј, тој го прави единственото нешто што го прават сите добри диџеи: тој го одржува ритамот жив“.
Режисерот Унковски, завршил фотографија на Институтот за технологија во Рочестер, САД, а потоа магистрирал режија на Универзитетот „ФАМУ“ во Прага, Чешка, во класата на нашиот Иво Трајков.
Санденс е најголем фестивал на независен филм во САД, кој се одржува секој јануари во Парк Сити; Солт Лејк Сити; и во Одморалиштето Санденс (ски-центар во близина на Прово), на кој се прикажуваат нови дела од американски и меѓународни независни филмски уметници. Еден од оснивачите е актерската легенда Роберт Редфорд.
Филмот е копродукција помеѓу „Синема футура“ и „Сектор филм“ од Македонија, „Алтер вижн“ и „Аналог вижн“ од Чешка, „Бекрум продукција“ и „Баш Челик“ од Србија. Продуценти на филмот се Иван Унковски и Ивана Шекуткоска.
Филмот беше поддржан со 23.5 милиони денари (околу 380.000 евра) на конкурсот на Агенцијата за филм за 2020 година во втор рок на одлучување, а доби поддршка од 160 илјади евра на паневропскиот филмски фонд Еуримаж.