Ел Нињо би можел да го намали глобалното економско производство
Вашингтон – Многу силниот климатски феномен Ел Нињо би можел до 2027 година да го намали економското производство во 144 земји за околу 395 милијарди евра, додека дополнителните штети од суши, поплави, пожари и урагани би можеле да бидат уште поголеми, покажува новиот извештај на осигурителната компанија „Алијанц“.
Најголемиот дел од загубите би ги претрпеле Кина, САД и Индија, на кои заедно им отпаѓаат речиси 60 отсто од вкупно проценетиот економски удар.
Европската Унија, исто така, не би била поштедена, со потенцијална загуба на економското производство од околу 21 милијарда евра, односно 0,09 отсто од БДП. „Алијанц“ проценува дека Ел Нињо би можел да ја зголеми вкупната инфлација во ЕУ за 0,31 процентен поен, додека цените на храната би можеле да бидат повисоки за околу 0,5 процентни поени.
Извештајот укажува дека климатските ризици веќе станале видливи во макроекономските податоци. Екстремните временски услови во текот на 2025 година предизвикале глобални економски загуби од околу 184 милијарди евра, што е за 32 отсто помалку отколку во 2024 година, но сепак за 20 отсто над просекот во периодот од 2000 до 2019 година.
Загубеното производство во Европа во текот на 2026 година поради топлотните бранови се проценува на 113 милијарди евра.
„Алијанц“ оценува дека искуствата од 2025 и 2026 година покажуваат оти земјите со развиени системи за превенција, однапред обезбедено финансирање и јасни механизми за реагирање успеале подобро да ги ограничат економските нарушувања.
Затоа, според наодите во извештајот, инвестирањето во прилагодување кон климатските промени, отпорна инфраструктура и системи за рано предупредување би можело да биде поевтино од подоцнежното плаќање на штетите, наведува „Алијанц“ на својата веб-страница.