Еквадор ги предава сите документи од Асанж на САД


Властите на Еквадор соопштија дека на САД ќе ги предадат сите документи на основачот на „Викиликс“ Џулијан Асанж кои се наоѓале во еквадорската амбасада во Лондон.

Покрај документите, на САД ќе им бидат предадени и сите мобилни телефони, компјутери и хард дискови на Асанж.

Медиумите исто така пренесуваат дека комплетниот претрес на неговите простории во амбасадата на Еквадор ќе биде направен на 20-ти мај.

За потсетување, Еквадор, во чија лондонска амбасада Асанж престојуваше од 2012 година одлучи да го укине дипломатскиот азил на основачот на „Викиликс“ поради нарушување на повеќе меѓународни конвенции.

Асанж на 11-ти април утрото беше уапсен по налог на Шведска и САД. Судот во Лондон го прогласи за виновен за нарушување на условите за пуштањето од затвор со кауција и го закажа следното сослушување за 2 мај.

САД го обвинува Асанж за завера и објавување на украдени службени документи. Министерството за правда на САД соопшти дека Асанж би можел да биде осуден на пет години затвор.

Според одлуката на лондонскиот суд, САД се должни до 12-ти јуни да и достават документи на Велика Британија за екстрадиција на Асанж. Во случај да се покрене обвинение на основа на Законот за шпиунажа, Асанж во САД би можел да биде осуден на смртна казна.