Екстремно десничарските лидери ќе ја прават „Европа повторно голема“
![](https://nezavisen.mk/wp-content/uploads/2025/02/патриоти.webp)
Лидерите на екстремно десничарските партии во третиот по големина блок во Европскиот парламент, Патриоти за Европа, на денешниот собир во Мадрид под мотото „Да ја направиме Европа повторно голема“ го поздравија враќањето на Доналд Трамп на власт во САД.
На собирот присуствуваа унгарскиот премиер Виктор Орбан и италијанскиот вицепремиер Матео Салвини, лидерката на францускиот Национален собир (РН), Марин Ле Пен и лидерот на холандската Партија за слобода (ПВВ), Герт Вилдерс.
Сите говорници ја критикуваа имиграцијата и повеќето повикаа на нова „реконквиста“ (средновековното христијанско повторно освојување на делови од Пиринејскиот Полуостров под муслиманска контрола).
Поранешниот естонски министер за финансии Мартин Хелме го почна собирот по видеопораката на лидерката на венецуелската опозиција Марија Корина Мачадо.
Неговиот говор во кој ги критикуваше „левичарите“ беше прекинат од топлес активистка од феминистичката група Фемен, која извикуваше „ниту чекор назад против фашизмот“, пред да биде отстранета.
Учесниците разговараа и за терминот „будење“ (wokeism), што пејоративно го користат за да ги опишат левичарските политички ставови за расата, полот и сексуалноста, потоа за невладините организации за спасување мигранти, како и за претседателката на Европска комисија, Урсула фон дер Лајен и шпанскиот премиер Педро Санчез.
И покрај наведената цел на Патриоти за Европа да се обединат европските националистички конзервативци, некои од највлијателните партии во ЕУ, како Браќа на Италија (ФдИ) на италијанската премиерка Џорџа Мелони, Алтернатива за Германија (АфД) и полската Партија право и правда (ПиС) не учествуваа на собирот во Мадрид.
Патриоти за Европа се формирани по европските избори во мај 2024 година и имаат 86 европратеници од 14 земји, што претставува вкупно 19 милиони гласови. Мадрид беше избран за локација на нивниот прв официјален собир, а домаќин беше лидерот на шпанската партија Вокс (VoX), Сантијаго Абаскал.
Според анкетите, рејтингот на Вокс изминатите месеци е во пораст, пред сè кај младите мажи, припадниците на војската и полицијата.