Екстремни горештини на Филипините – температурите и до 47 степени


На Филипините деновиве горат екстремни горештини, поради што илјадници училишта ја откажаа наставата, а надлежните служби ги предупредуваат граѓаните што помалку да останат надвор.

Март, април и мај вообичаено се најтоплите и најсушните месеци во земјата, но условите годинава беа влошени поради временскиот феномен Ел Нињо.

Температурите понекогаш и до 47 степени
„Толку е жешко што не можете да дишете“, вели 60-годишниот Ерлин Тумарон, кој работи во приморско одморалиште во провинцијата Кавит, јужно од Манила, каде што индексот на топлина достигна 47 степени Целзиусови во вторникот.

Индексот на топлина денеска се очекува да достигне „опасно“ ниво од 42 или повеќе степени во најмалку 30 градови и општини, предупреди државната метеоролошка служба.

Индексот на топлина мери како се чувствува температурата, земајќи ја предвид влажноста во воздухот.

Министерството за образование, кое управува со повеќе од 47.600 училишта во земјата, објави дека речиси 6.700 училишта ја прекинале наставата. Веројатноста е 50 отсто горештините да бидат уште полоши во наредните денови, изјави метеорологот Ана Солис.

„Мораме да го ограничиме времето што го поминуваме надвор, да пиеме многу вода, да носиме чадори и капи“, изјави Солис за АФП.

Тој тврди дека Ел Нино е причината за „екстремните горештини“ кои зафатија делови од земјата. Околу половина од провинциите во земјата официјално се во суша.

„Надвор е страшно“
Во провинцијата Оксидентал Миндоро погодена од суша, владината службеничка Мери Ен Генер рече дека луѓето што работат во затворени простории, каде што има климатизација, се добро. „Но, тоа е страшно за оние надвор“, рече таа. „Главоболка веднаш по излегувањето. Мора постојано да се хидрирате“. Во градот Дагупан, северно од Манила, универзитетскиот вработен Едз Алтерос рече дека таа и нејзините колеги повеќе не излегуваат на ручек поради жештините.

Индексот на топлина таму во вторникот достигна 47 степени. „Наоѓаме некој да купи храна и да јадеме во канцеларијата“, рече таа. „Климата е поставена на 14-18 степени во најтоплиот дел од денот, но во други периоди ја намалуваме температурата за да спречиме преоптоварување и расипување на уредите.

Глобалните температури достигнаа рекордно ниво минатата година, а Агенцијата за временски услови и клима на Обединетите нации во вторникот објави дека Азија се загрева со особено брзо темпо.

Филипините се меѓу земјите најранливи на ефектите од климатските промени.