Eкспресниот пат Ранковце-Крива Паланка се очекува да биде завршен до Нова година


 

До Nова година очекувам експресниот пат Ранковце – Крива Паланка да биде завршен. Се гради во два лота и едниот е завршен  околу 71 отсто, вториот – 91 отсто, рече при денешниот увид во работите на терен mинистерот за транспорт и врски, Александар Николоски, кој заедно со директорот на ЈП „Државни патишта“, Коце Трајановски ја посетија локацијата кај Општина Ранковце кадешто интензивно се работи на патот.

-Изминатите четири недели ги искористивме за да ги разгледаме ситуациите што ги наследивме, коишто за жал не се ни малку добри, но и да бараме решенија затоа што бевме избрани за да бараме решенија. Решенијата полека ќе доаѓаат, едно по друго и проектите ќе се завршуваат. Ова е проект на кој не било посветено внимание. Заедно со директорот на ЈПДП посветивме и ќе посветуваме сериозно внимание во следниот период и можам со задоволство да ви кажам дека овој експресен пат до Нова година ќе биде готов и веќе после Нова година ќе може да го користат сите жители и на Македонија, и на Бугарија, сите останати што патуваат и на овој начин ќе ја развиваме Македонија, рече Николоски.

Посочи дека затекнале проект со слаба динамика на работа што имал свои проблеми во минатото.

– Проектот е делумно финансиран со заем од Светска банка, пари што треба да ги вратиме, а делумно, се грант од околу 14 милиони евра. Сакам да се заблагодарам за грантот, сума што за држава како Македонија не е мала работа. Во однос на изведбата на патот, има проблеми со експропријација, има проблеми со изведба, но тоа е наша работа, јас кажав пред некое време, што ќе правиме – ќе правиме, работите ќе ги завршуваме. Мислам дека граѓаните од нас очекуваат решенија, а не образложенија и во следниот период ќе нудиме решенија и ќе ги завршуваме работите, рече Николоски.

Директорот на ЈПДП, Трајановски, истакна дека активностите на патот се отпочнати во 2018 година, а со оглед на реализацијата на градба на двата лота од патот, Страцин-Длабочица и Длабочица-Крива Паланка, од 71 и 91 отсто реализација, очекуваме да бидат завршени до Нова година.

-Денеска сме тука да направивме увид заедно со министерот за транспорт и врски. Овој пат е  во должина од 25 километри, поделен на два лота: Страцин – Длобочица, во должина од 15 километри и Длобочица – Крива Паланка, во должина од 10 километри.  Вредноста на целата инвестиција е 93,7 милиони евра, со тоа што на првиот лот е 43 милиони евра, а на вториот е околу 50 милиони евра. На терен сме постојано и како ЈПДП и како Министерство за транспорт и врски, а голема е помошта од локалната самоуправа, од градоначалникот на Ранковце и месното население, рече Трајановски.