Експресниот пат Градско – Дреново пуштен, од Скопје во Прилеп ќе се стига за час и десет минути

СДСМ критикува дека актуелната власт поставила само 50 метри асфалт и денеска го пуштила во употреба патот


Министерот за транспорт Александар Николоски денес, заедно со премиерот Христијан Мицкоски, го отворија експресниот пат Градско- Дреново кој е дел од Коридорот десет и ќе го скрати патувањето од Скопје до Прилеп на час и десет минути. 

„Навистина е задоволство во рок од само десетина дена второ големо отворање. Денеска го отвораме експресниот пат кој што треба да не поврзува од Градско до Дреново дел од експресниот пат Градско – Дреново – Фариш. Еден преубав експресен пат кој што ќе значи многу за поврзувањето на Прилеп, Битола, на Могила, Новаци, Кривогаштани, на Крушево, секако и Росоман и поврзување со главниот град, но исто така ќе значи и поврзување со соседна Грција и поврзување на Коридор 10. Тоа треба да значи целосно автопатско или експресно поврзување со вториот голем граничен премин Меџитлија“, порача министерот Николоски.

Тој потоа оцени дека патот бил целосно блокиран од претходната Влада, а оваа за еден месец успеала да ги реши проблемите и да го изгради, без да спомене дека над 90 отсто од патот веќе беше завршен кога тие дојдоа на власт. место тоа тој му искажа специјална благодарност на премиерот за целосната посветеност околу проектот порачувајќи дека без него ова немало да биде возможно . Тој се заблагодари и на ЕУ за финансиската поддршка и заради посветеноста за развој на овој дел од државата.

„Обично не сакам да зборувам за проблеми и ќе кажам дека ќе завршуваме проекти затоа што сме избрани да работиме, а не да се жалиме. Но, пред мене е првиот документ кој го добив кога станав министер за транспорт. Првата голема главоболка со која што се соочив и се соочи Владата е извештајот за тоа во каква состојба беше овој експресен пат. Ќе ви кажам директно, работници немаше, активности немаше, не беа решени косините, сега гледате како прекрасно изгледаат двете страни на патот и недостасуваа некаде околу 13 милиони евра за да се исплатат и да се доврши реализацијата на овој експресен пат.

Изведувачот се спремаше за арбитража, веќе првите чекори беа преземени и работниците беа повлечени. Причината беше претходната Влада која година и половина не сакала да потпише два адендуми, Адендум 3 и 4, кој што беа договорени со ДЕУ и не сакала да формира Комисија која што ќе ги спроведува.Новата Влада за само месец дена ја формираше Комисијата, истата се формираше на крајот од јули, во тек на август се работеше на содржината на овие два адемндуми и на 12 септември проблемите се решија. Од 12 септември до буквално Нова година се работеше, се заврши комплетно и сакам да честиттам на сите бидејќи имаме експресен пат.

 

Овие работи треба да се кажат бидејќи народот треба да знае кој работи, а кој не работи. Овој пат денеска што го гледате е реален и не е направен со вештачка интелегенција како што го имаше во одредени пропагандни спотови во изборите и ова е најдобра подршка зошто оваа влада треба да биде подржувана од народот за уште поубави проекти. За брзо време ќе го отвориме и вториот дел, кој што оди од Дреново до Фариш, таму има два преубави тунели кои што ќе значат нова содржина, ако сакате и во туристичкиот дел во овој регон, а понатаму ќе работиме и на изградба на трета лента на Плетвар каде што сега нема, некаде е кај Беловодица до Прилеп како би можело од Скопје до Прилеп да се патува за час – час и десетина минути. Исто така веќе работиме на и изградба на автопат од Скопје до Битола како би можело од Скопје до Битола да се патува за час и половина“, рече Николоски практично порачувајќи дека пушта целосно некомплетиран пат. 

„Ќе продолжиме и понатаму да ги развиваме проектите, тоа е многу значајно за нас бидејќи ние сме земја која што во суштина нема излез на море, не изобилува со некои ресурси како нафта и гас и тоа во одредена смисла на зборот претставува некаков недостаток. Но тоа кое што ние го имаме, другите балкански земји го немаат, а тоа е дека ние сме природна раскрсница на многу важни два паневропски коридори. Тоа се Коридор 8 и Коридор 10“, рече премиерот Христијан Мицкоски по пуштањето на делницата.

За денешното пуштање во употреба на делницата Градско-Дреново (дел од експресниот пат Градско-Фариш), од СДСМ велат дека заслугите треба да одат кај нив, бидејќи додека беа на власт обезбедиле средства и го реализирале проектот со над 92%. Според пратеникот Миле Талески, претходната владеачка гарнитура ги завршила трите клучки кај Градско, Росоман и Дреново, четирите вијадукти, сите мостови, надпатници и подпатници, како и 98% од поставениот асфалт.

„Очекуваме наскоро да биде завршена и делницата од Дреново до Фариш, која е веќе над 80% реализирана благодарение на домаќинското и одговорно работење на Владата на СДСМ. Беа пробиени и двата тунели на оваа делница и зошто власта сега доцни е прашање“, рече Талески, додавајќи дека актуелната власт денеска се китат со туѓи перја, но важно е што граѓаните конечно добиваат целосно функционален експресен пат“, рече Талески.
 

СДСМ критикува дека актуелната власт поставила само 50 метри асфалт и денеска го пуштила во употреба.

Делницата Градско-Дреново е во должина од 15,5 километри плус 1 километар од делницата Фариш-Дреново, или вкупно 16,5 километри од експресниот пат. Вредноста на проектот е 37.300.000 евра од кои 26.700.000 евра се обезбедени преку ИПА фондовите и 10.600.000 евра се обезбедени од Буџетот.