Експлозивниот Вут ван Арт освои уште една етапа на Тур де Франс


Вут ван Арт ја прославува втората победа во рок од три дена кога минува низ целта (Фото: АП)

Вут ван Арт (Јумбо-Висма) ја освои својата втора победа на Тур де Франс на етапата 7, во денот кога трката беше разнесена на парчиња од ветрови. Белгиецот дојде со силен спринт во Лавур за да победи пред Едвалд Боасон Хаген (НТТ Про Сајклинг) и Брајан Кокар (Б&Б).

Победата ја означи втората етапна победа на Ван Арт за три дена и третата од неговата кратка, но неверојатна кариера. Ова беше двојна победа за тимот, откако тие помогнаа да се подели пелотонот на нешто повеќе од 40 километри до крајот, во потег што требаше да се соработува со ривалот „Инеос Гренадиер“, бидејќи и двата тима се обидоа да го искористат попречниот ветер.

Тадеј Погачар (Тим Емирати) и Микел Ланда (Бахреин Мекларен) останаа на погрешната страна при поделбата на пелотонот и загубија повеќе од една минута во финишот, но тие не беа единствените возачи од кандидатите за генерален пласман што беа затекнати. Тука беше дуото од „Трек Сегафредо“, Ричи Порте и Бауке Молема. Ричард Карапаз, исто така, изгуби време откако беше принуден да застане малку поради механички проблем и ја виде поделбата на пелотонот уште на првото искачување поради големиот притисок од Питер Саган и неговиот тим „Бора-Хансгро“.

„Јас сум навистина горд на оваа победа. Уште од стартот тоа беше импресивна етапа од ‘Бора-Хансгро’, бидејќи тие се погрижија отпаднат многу спринтери. После тоа, секогаш беше бурно и сите се плашеа од попречните ветришта “, рече Ван Арт на самиот финиш.

„Во финалето, видовме дека вреди да се вложи многу енергија за позиционирање, јас бев со Примож [Роглич] целата етапа напред, така што беше добар ден за тимот. Неколку фаворити за генерален пласман изгубија многу време. Беше добра завршница и неверојатно да се победи“. (Сајклинг њуз)