Експлозија во српска воена фабрика, повредени неколкумина

Неколку лица се повредени во експлозија што се случи во раните утрински часови во воената фабрика „Крушик“ во Ваљево, Србија.
Несреќата се случила околу 7:40 часот наутро за време на редовните активности на пресување на пентрит (многу силен експлозив), кога бил активиран засилувачот на фитилот на пресата, објавува Nova.rs.
Во таа прилика, според првичните информации, еден вработен се здобил со повреди во форма на посекотини, а четворица вработени имаат симптоми на тинитус. Работниците биле испратени во болницата во Ваљево за помош и проверка на слухот.
Што е пентрит?
Пентритот (скратено од пентаеритритол), е бел кристален прав нерастворлив во вода, лесно растворлив во ацетон, многу силен експлозив со висока брзина на детонација (8300 m/s). Се добива со нитрација на пентаеритритол. Во пресувана форма, се користи за подготовка на капачиња за детонатори и детонирачки стапчиња и за полнење мини. Чувствителен е на удар, но помалку од глицерол тринитрат (нитроглицерин). Тој е составен дел од пластичниот експлозив пентринит.
За фабриката „Крушик“ пред две години беше напишано дека испорачала 3.500 ракети „Град 2000“ од 122 мм на украинската армија. Руските портали ја објавија веста, а украинските портали ја поткрепија со фотографии. „Крушик“ негираше продажба на оружје преку посредници, а тогашниот српски министер за одбрана Милош Вучичевиќ се придружи на негирањето, велејќи дека Белград не извезува оружје во Украина или Русија.
Оваа несреќа доаѓа по веста дека Русија ја обвинува Србија дека ја снабдува со оружје Украина.
Руско разузнавање: Србија ја снабдува Украина со оружје и ѝ пука на Русија во грбот