Експлозија во семејната пекарница на потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски


Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски на Фејсбук објави дека утрово околу 3 часот била „фрлена експлозивна направа“ во продавница во скопската населба Ѓорче Петров, што неговото семејство ја работи со децении, при што е причинета материјална штета.

– Фала му на Бога нема човечки жртви ниту некој е повреден. На свовиден начин се продолжува пироманската традиција откако претходно во текот на изборите 2017-та година имаше пожар во мојот дом. Нема да навлегувам што и како, кој е и каква е нарачката. Пораката која ја праќаат до мене пред стартот на кампањата сама си се испишува, ама одговорот е дека нема да ме поколебате, ниту исплашите! Нема потреба од нервоза, промените се незапирливи. Македонија е мојот дом, и јас од него не се откажувам и огромен мотив плус да се сменат работите. И да на крај ќе додадам, Македонија ќе победи!, се наведува во објавата на Мисајловски на Фејсбук, на која е прикачено и видео.

МВР потврди дека денеска во 03.40 часот било пријавено оти на ул. „Ѓорче Петров“ излегува чад од пекара сопственост на Б.М. (62), а претходно се слушнала детонација.

– По пристигнување на полициските службеници на местото на настанот забележано е дека влезната врата е целосно извадена од лежиштето и причинета е материјална штета, па постои основано сомнение дека се работи за подметната експлозивна направа. Повредени нема. Се работи на расчистување на случајот, информираат од МВР.