Експлозија во руска лабораторија каде што се чува вирусот мали сипаници


Експлозија на гас предизвика пожар во руска лабораторија во која се чуваат вируси, од мали сипаници до ебола, соопштија властите.

Несреќата се случила при реновирање на просторија на петтиот кат на Државниот истражувачки центар за вирологија и биотехнологија позната како „Вектор“ во градот Колтосово, соопшти центарот во понеделникот.

Во оваа институција во времето на СССР се вршени истражувања за биолошко оружје, а денес е дом на една од најважните институции за истражување болести во Русија.

За време на несреќата еден работник се здобил со изгореници од трет степен. Пожарот кој зафатил 30 квадратни метри е изгаснат нешто подоцна.

Руските власти тврдат дека спорната просторија каде што се случила експлозијата не содржи биолошки материи и дека не е предизвикана сериозна структурна штета на објектот.

Вирусот мали сипаници се чува на две места на земјата: Во „Вектор“ и во Американскиот центар за контрола на болести во Атланта.