Експлозија во Кина, едно лице загина; Граѓаните загрижени за безбедноста


Најмалку едно лице загина, а друго е повредено денеска, во експлозија во ресторан, во источната кинеска провинција Џиангсу, соопштија локалните власти.

Според официјални лица на градот Јенченг, плинска боца експлодирала во ресторан во кој се прави скара, пренесува Ројтерс.

Полицијата го приведе сопственикот на ресторанот, а истрагата е во тек. Експлозијата повторно ја разгоре загриженоста на јавноста за безбедноста на плинските боци, по серијата слични несреќи минатиот месец.

Во јуни, во експлозија на гас во ресторан во автономниот регион Нингсија загинаа 31 лице, една од најсмртоносните експлозии во последниве години, откако кинескиот претседател Ши Џинпинг им нареди на официјалните лица да се справат со безбедносните ризици низ целата земја.

Помалку од една недела подоцна, имаше уште две експлозии во ресторани, од кои едната повреди две лица во провинцијата Гансу.