Експлозија во хемиска фабрика во Словенија, 20 повредени

Фабриката „Меламин“ произведува смоли за бои и лакови во дрвната, градежната и текстилната индустрија


Црн чад се издига над Кочевје

 

Денеска во 8.35 часот одекна експлозија во хемиската фабрика „Меламин“ во центарот на словенечкиот град Кочевје, при што избувна пожар. Од Управата за заштита и спасување соопштија дека во несреќата се повредени над дваесет лица, а две лица се пренесени во Универзитетскиот медицински центар Љубљана.

На местото на настанот веднаш пристигнале интервентни служби и во моментов ги спроведуваат првите итни мерки, па главниот пат низ Кочевје е затворен. Претставниците на полициската управа на Љубљана ги советуваат сите жители во околината да ги затворат прозорците и да не се движат на отворено за време на интервенцијата и да не се приближуваат до местото на настанот. Пожарот е веќе изгаснат.

Во меѓувреме, од Универзитетскиот медицински центар Љубљана соопштија дека по експлозијата активирале план за масовни несреќи.

Според агенцијата СТА, „Меламин“ претставува поголем ризик за животната средина. Компанијата, која е еден од најголемите работодавачи во регионот кој се граничи со Хрватска, главно се занимава со производство на смоли за бои и лакови во дрвната, градежната и текстилната индустрија.

„Меламин“ работи од 1954 година и вработува околу 200 луѓе. Како што објаснуваат на нивната веб-страница, во последната деценија успеале да создадат препознатливо место во нишата на меламинската хемија. „Во Европа сме познати како солиден и конкурентен снабдувач на смоли за индустријата за хартија и градежништво и импрегнирани украсни хартии за индустријата за мебел. На глобално ниво, стануваме сѐ попрепознатливи со производите за индустријата за боја и гума“, објаснуваат тие.