Експлозија во фабрика за противградобијни ракети во Белград, има повредени


Неколку експлозии се случиле во фабриката „ЕдеПро“, која произведува противградобијни ракети кај Бубањ Поток, дознава РТС.

Во експлозијата што се случи денеска во фабриката за противградни ракети недалеку од Бубањ Поток, повредени се 16 лица, изјави за Танјуг шефот на смената на Брзата помош, д-р Марија Радуловиќ.

Од повредените, едно лице е на интензивна нега со тешки телесни повреди, а останатите со ортопедски повреди и изгореници се пренесени во Ургентниот центар и ВМА.

Д-р Радуловиќ рече дека во експлозијата имало и пациенти кои се здобиле со повреди на главата. Таа рече и дека има и такви кои имаат проблеми со дишењето и им се дава соодветна помош. Таа изјави дека на терен се уште пет екипи на Брзата помош.

Белградските медиуми претходно јавија дека според неофицијални информации, се стравува дека во експлозијата на ракетно гориво што се случила околу 14 часот загинале неколку лица! Според непотврдените информации, тие јавија дека загинале две лица, а повеќе лица се водат како исчезнати.

Брзата помош постојано пристигнува во оваа фабрика и оди под ротација и ги транспортира повредените во болница. Според објавените информации, повредени се 15 лица, пишува Блиц.

Според неофицијални информации, во фабриката каде што се произведуваат ракетите имало околу стотина работници.

Исто така, според неофицијални информации, има исчезнати лица по кои се трага.

Веднаш по експлозијата испратени се 11 возила со 36 пожарникари, а потоа и засилување, изјавија за РТС од МВР.

На местото на несреќата се упатиле пет екипи на брзата помош од Белград, една од Гроцка и една од Калуѓерица.

Над тој дел од градот се гледа густ чад.

На лице место почнале да се собираат семејствата на работниците вработени во фабриката. Насобраните стравуваат за животите на своите најблиски, но полицијата никому не му дава пристап. Патот до фабриката сега е целосно блокиран бидејќи се очекуваат нови експлозии.

Полицијата не дозволува пристап и го пренасочува сообраќајот.

Во ноември 2008 година, во истата фабрика се случи експлозија кога три лица беа повредени, од кои едно потешко, а две полесно, пишува Политика.