Експлозија на плинска боца во болница во Косово, изгорен пациент со Ковид-19


На Клиниката за пулмологија на Универзитетскиот клинички центар на Косово во Приштина експлодира боца со кислород, пренесува „Косово онлајн“.

Притоа е повреден пациент кој се лекувал од Ковид-19 и кој бил на кислородна терапија, пишува „Љајми“.

Приштинскиот медиум наведува дека пациентот се здобил со повреди и изгореници на горните екстремитети.

Сведок на настанот изјави за РТК дека тој е на клиниката веќе 12 дена и дека има постојан недостаток на кислород.

Тој посочи дека експлозијата се случила затоа што немало никој да му помогне на пациентот и апелираше до институциите да го решат проблемот со кислородот.