Експертски разговори во МСУ во рамки на Европското номадско биенале „Манифеста 14“
Во Музејот на современата уметност Скопје вечер од 19 часот ќе почне првиот од серијата експертски разговори, во рамките на Европското номадско биенале за современа уметност – Манифеста14, проект во Западен Балкан, насловен „Експертски дискусии – Општествено ангажирана уметност во новата реалност“.
– Иако седиштето на ова издание на „Манифеста“ е лоцирано во Приштина, биненалето ќе се реализира и во други градови од Западниот Балкан. Музејот на современата уметност-Скопје годинава е една од партнерските институции на 14. Европското номадско биенале – Манифеста, соопшти МСУ.
Говорници на настанот ќе бидат: Сантиаго Забала – професор по филозофија на Универзитетот „Pompeu Fabra“ во Барселона, Шираз Гринбаум – фотографка и уредничка која работи со колективот „Activestills“ и уредничка на онлајн списанието Leafing.co.il, Орен Зив – репортер и фотограф на магазинот Locall call и +972 и коосновач на колективот „Activestills“, Јонас Стаал – визуелен уметник чија работа се фокусира на релациите помеѓу уметноста, пропагандата и демократијата, и Филипо Минели – уметник со истражувачки интереси фокусирани на пејзажот и јавната сфера.
Секој од говорниците ќе ја презентира својата работа во 15-минутно излагање, а потоа ќе следува сесија на прашања и одговори. Темата на овие разговори е општествено ангажирана уметност во Новата реалност. Куратор и модератор на настанот е Тихомир Топузовски, а настанот ќе го отвори Емилиа ван Линден, претставник на Манифеста14.
– Непоходно е да се осредоточиме на методите на образување, уметничките и кураторските практики во ерата на „Новата реалност“, обликувана од серија настани во текот на 2020 и 2021 година, како што се пандемијата, затворените граници, погрешните политики кон животната средина…. Овој предизвикувачки контекст, не само што создава состојба на „политичка вонредност“, туку и форми на уметнички практики, кои изразуваат „состојба на вонредност“, генерирајќи исто така можности за културните институции во репрезентирањето на овие случувања.., наведува Музејот на современа уметност.
Како дел од програмата на Манифеста, во текот на 2021/2022 година, МСУ ќе биде организатор на програмска целина составена од дискурзивна и изложбена програма.