Eксперти: Глобално прилагодување кон климатските промени со големи придобивки


САД – Адаптацијата кон климатските промени може да резултира со глобални придобивки од 7,1 трилиони американски долари, според извештајот на Глобалната комисија за адаптација, предводена од поранешниот генерален секретар на ОН, Бан Ки Мун.

Комисијата ги повика светските лидери да работат на зголемување на поголема отпорност на инфраструктурата и земјоделството во време кога климатските промени им се закануваат на заедниците ширум светот со урагани, разорни шумски пожари или зголемување на нивото на морето.

– Климатските промени може да резултираат со тоа што повеќе од 100 милиони луѓе низ целиот свет да завршат под границата на сиромаштија, изјави поранешниот генерален секретар на ОН.

„Глобалната комисија за прилагодување проценува дека инвестицијата од 1,8 трилиони американски долари до 2030 година за подобрување на отпорноста на климатските промени ќе резултира со придобивки во вредност од 7 трилиони долари“.

Во извештајот се препорачува земјите да инвестираат во системи за рано предупредување, да градат инфраструктура отпорна на климатски промени, да работат на развој на земјоделството во сушните подрачја и да ги заштитат изворите на вода за пиење.

Според извештајот, на светот му треба „револуција во разбирањето, планирањето и финансирањето што ќе резултира во идентификација на климатските ризици, земајќи ги предвид тие ризици во сите одлуки и ќе ги ослободи јавните и приватните ресурси за тоа“.

Без такво прилагодување, климатските промени ќе ги забават глобалните приноси во земјоделството, а во исто време зголемувањето на нивото на морето би можело да принуди стотици милиони луѓе од крајбрежја да ги напуштат своите домови до 2050 година, се вели во извештајот.

Документот е објавен две недели пред самитот на ОН за климата, што ќе се фокусира на најитната акција за решавање на последиците од климатските промени.

Комисијата е формирана минатата година од Бан, основачот на „Мајкрософт“, Бил Гејтс и претставникот на Светската банка, Кристалина Георгиева, за да се постави прашањето за адаптација на климатските промени како тема за политичарите.