Експериментална вакцина од компанијата „Иновио“ произведува заштитни антитела кај глувци

Американската компанија за имунотерапија „Иновио Фармасјутикалс“ објави денеска дека нејзината експериментална вакцина за спречување инфекција на новиот корона вирус, покажала дека се произведуваат заштитни антитела и реакции на имунолошкиот систем кај глувци и заморчиња.

– Видовме реакции на антитела што прават многу работи што би сакале да ги видиме во можната вакцина , истакна д-р Дејвид Винер, директор на центарот за вакцини и имунотерапија во Институтот Вистар, што соработува со Иновио.

Иновио во април започна со тестирање на вакцини на луѓе, а првичните резултати ги очекуваат во јуни.

Раководителката за истражување и развој на Инови, д-р Катерин Бродерик, изјави дека некои луѓе имаат мало црвенило на рацете.
Бродерик истакна дека кога ќе пристигнат прелиминарните резултати очекува Иновио да ја контактира Управата за храна и лекови на САД за одобрување да се премине на втората и третата фаза во јули или август.

Во моментов нема одобрени лекови или вакцини за Ковид-19 и експертите предвидуваат дека безбедна и ефикасна вакцина може да се развие за 12 до 18 месеци.