Ексклузивно: Тамара во смарагдно зелена боја на Евросонг


Поп-ѕвездата Тамара ќе блесне во смарагдно зелена боја на настапот во полуфиналето на Евросонг на 16 мај во Тел Авив, Израел, дознава ексклузивно „Независен весник“.  Не се откриваат други детали за евровизискиот аутфит.

Претходно, македонскиот дизајнер Александaр Ношпал, кој е задолжен за стајлингот на македонската евровизиска претставничка, ни изјави ексклузивно дека Тамара во Тел Авив ќе биде едноставна и уникатна.

-Од моето евровизиско искуство, за квалитетен настап не се пресудни парите, туку добра соработка меѓу оние кои се задолжени за тоа. Евросонг е настан од сериозен карактер кој така и треба да се разбере. Настапот на секоја земја може да се каже дека е вид на театарска претстава, па од тука и облеката е резултат на добар концепт, вели Ношпал.

Со 27 години дизајнерски стаж зад себе, и импресивна биографија дома  во странство, Ношпал по четврти пат ќе се погрижи за изгледот на нашиот претставник на најпрестижниот музички настан во Европа. Во 2000-та година ги стилизираше „XXL“, во 2002-Каролина Гочева, во 2004-Тоше и годинава Тамара.

Добриот пласман на евровизискиот натпревар зависи од песната, вокалот, гардеробата, кореографијата, сценографијата, и секако лобирањата. Националниот тв сервис на секоја земја учесничка е полноправна членка на европската радиодифузна унија и ги има ексклузивните права за избор на претставник, но, и права и обврски кои треба да ги исполни. Меѓу членовите од правилата за Национален избор за Евросонг стои дека националниот сервис нема обврска да ги покрие трошоците за изгледот на претставникот, но има право да сугерира и да даде насоки како треба и со кого да се соработува.

Облеката со која ги испраќаме нашите пејачи низ годините почнувајќи од 1998 година со настапот на Владо Јаневски, имаше осцилации, од драматични па сѐ до лежерни моменти, претставникот на Македонија во најголемиот број случаи зад себе имаше продукција која одлучува кој моден бред ќе го рекламира нивниот ексклузивец. Во други од случаите, националната телевизија го избираше креаторот или пак пејачите беа децидни во изборот на познат светски бренд.

 

Тамара во полуфиналето под реден број 17

 

Тамара Тодевска ќе настапи под реден број 17 во второто полуфинале на 16 мај на Евросонг во Тел Авив. Во групата се и Ерменија, Ирска, Молдавија, Швајцарија, Летонија, Романија, Данска, Шведска, Австрија, Хрватска, Малта, Литванија, Русија, Албанија, Норвешка, Холандија и Азербејџан.

Во првото полуфинале на 14 мај се: Кипар, Црна Гора, Финска, Полска, Словенија, Чешка, Унгарија, Белорусија, Србија, Белгија, Грузија, Австралија, Исланд, Естонија, Португалија, Грција и на Сан Марино.

Логото на годинашниот евровизиски избор е „Осмели се да сонуваш“.

  1. издание ќе има 41 учесник. Бугарија се откажа заради финансии, а потоа и Украина.

Во првото полуфинале на 14 мај ќе настап 17 земји, кои заедно со Франција, Израел и Шпанија ќе можат да гласаат во ова полуфинале. Во второт полуфинале, на 16 мај, каде сме и ние , ќе учествуваат 18 земји, кои заедно со Германија, Италија и Велика Британија ќе можат да гласаат во ова полуфинале. Во финалето, на 18 мај, 26 земји ќе настапат, а ќе можат да гласаат сите 41.

Пласман за финалето ќе обезбедат само по десет земји од двете полуфиналиња, за кои ќе одлучат гласовите на стручните жирија и на публиката, во сооднос од 50:50. Дваесетте финалисти потоа ќе им се придружат на домаќинот Израел и на земјите од „големата петка“ (Велика Британија, Франција, Италија, Германија и Шпанија), па една од овие 26 песни ќе ја понесе титулата Победник на Евровизија 2019.

Пред главниот настан, во текот на овој месец традиционално се организираат и бројни предевровизиски забави во повеќе европски градови, како што се Лондон, Амстердам, Мадрид, Москва и Рига. Тамара засега нема потврдено ниту едно гостување на некоја од овие забави.

Според моменталните предвидувања во обложувалниците, за Тамара е предвиден влез во финалето, а во целокупната табела се наоѓа на 20. место. Фаворит за победа и понатаму е холандскиот претставник Данкан Лоренс.

Тамара на 7 мај ќе ја има првата проба со песната „Proud“ на сцената на „Експо центарот“  во Тел Авив. Македонската делегација ќе отпатува на престижниот музички настан еден ден претходно. Сценскиот настап се подготвува во консултација со тим од Шведска, а за стајлингот на Тамара ќе се погрижи дизајнерот Александар Ношпал.

Тамара на Евросонг 2019 ќе настапува под името Северна Македонија.

Aвтори на евровизиската песна на англиски јазик се Роберт Билбилов, Дарко Димитров и Лазар Цветкоски, а стиховите се дело на писателот Коста Петров.

Бар Рефаели, која денес е мажена и има две деца, е адут на Израел како домаќин на Евросонг. Таа ќе го води Евросонг заедно со Ерез Тал, Аси Азар и Луси Ајуб.

Лејла Сабит