Ексклузивно интервју со Ерос Рамацоти: Уште се смеам на шегите од Тина Тарнер


Повеќе сакам да возам велосипед или да јавам коњи отколку да седам дома и да гледам филм или да читам книга, вели музичарот и пејач Ерос Рамацоти (56) во интервју за „Независен весник“.

Италијанскиот романтичар в понеделник, 30 септември, во организација на „Авалон продукција“, ќе одржи концерт во Скопје во А1-арената. Во рамките на својата светска турнеја, која почна во февруари годинава, тој го промовира најновиот студиски албум со наслов „Vita ce n’e“. Турнејата ги опфаќа сите континенти, а македонската публика првпат ќе има шанса да го слушне и дома.

Ерос доаѓа во Скопје со комплетно своја продукција (звук, светло и видео). Неговите живи настапи се едно од највозбудливите доживувања во светската музичка индустрија. По повод неговиот концерт во Скопје, Рамацоти се согласи да одговори на неколку прашања од „Независен весник“.

Доаѓате во Скопје да го промовирате 14. албум „Vita ce n’e“. Но овдешната публика гладува да слушне нешто и од поранешните хитови. Каков е концептот на оваа турнеја?
Секако дека ќе ги слушнете моите стари хитови! На репертоарот ќе биде сиот мој успех, покрај песните од последниот албум „Vita Ce N’è“. Во оваа турнеја сакам најдобро да ги претставам новите песни, поттикнувајќи да уживаме во животот бидејќи тоа е најскапоцената работа што ја имаме.

Речиси четири децении сте на музичката сцена. Гледајќи од оваа перспектива, има ли за нешто за што жалите?
Не жалам за ништо. Секогаш треба да гледаме напред за да се надградуваме себеси.

Станавте симбол за љубовната италијанска музика на повеќе генерации. А „љубовта“ ја носите и во вашето име. Верувате ли во случајности?
Не знам… Верувам во сила, поголема од нас, која го трасира патот. Но, исто така, верувам дека од нас зависи како најдобро ќе одиме напред.

Што претставува љубовта за вас?
Тоа е животот во целост. Во исто време, тоа е и став, позитивно да се справиме со она што ни се случува.

Италија е мошне религиозна земја. Дали сте и вие?
Можам да кажам дека ги почитувам оние што се верници, без разлика на нивната религија.

Ги следите ли трендовите на денешната музика во светот? Како би ја опишале денешната поп-музика?
Секогаш сум заинтересиран за вметнување нова музика во она што го правам. Предизвик ми е. Поп-музиката е онаа музика која никогаш нема да изумре, а тоа е добро.

Каква музика слушате приватно, кои се вашите омилени филмови, какви книги читате?
Слушам од сè помалку бидејќи сакам да бидам во тек со новите изданија. Често ги слушам новите италијански музичари како Махмуд, Коез и многу ми се допаѓаат. Што се однесува до другиот дел од прашањето, повеќе би сакал да возам велосипед или да јавам коњи отколку да гледам филм или да читам книга.

До пред една деценија за музичарите дознававме преку многубројните музички ТВ-канали или преку специјализираните музички списанија. Сега младите музичари најчесто се промовираат преку социјалните мрежи. Користите ли вие социјални мрежи приватно или професионално?
Ги користам социјалните мрежи за да комуницирам со фановите ширум светот, за да бидат вклучени додека правам музика или сум на турнеја.

Оставивте силен печат со соработките со Тина Тарнер, Лаура Паузини, Хулио Иглесијас, Павароти, Бочели… Со кого би направиле соработка од младите музички ѕвезди?
За мене секоја соработка е бесценета, како извор на растење и гордост. За следните соработки… ќе дознаеме заедно.

Сè уште во детали го паметиме видеоспотот со Тина Тарнер за „Cose della vita“, режиран од Спајк Ли. Може ли да ни откриете некоја анегдота од снимањето?
Тина Тарнер е навистина силна жена, а во тоа време беше и многу духовита. додека го снимавме спотот, многу се смеевме. Креиравме добра енергија која продолжи да нè следи во нашите животи и потоа.

Првпат доаѓате во Скопје. Имате ли некакви предзнаења за нашата земја и што очекувате од публиката?
Сакам моите македонски фанови да уживаат во шоуто и да се забавуваат. Не очекувам ништо, но мислам на нив. Знам дека сте силни луѓе и одвај чекам да пеам за вас во Скопје.

Ивана Настеска
Фото: Хулиан Харгрејвес