Ексклузивен директен пренос од „Оскарите“ в недела со Миланка Рашиќ


Миланка Рашиќ,  ТВ автор и продуцент, и оваа година ќе биде коментатор на доделувањето на филмските награди Оскар, во ексклузивниот директен пренос на Телма. Телевизиските права за емитување на преносот во Македонија и оваа година ги откупи агенцијата на Миланка Рашиќ, „Миракс“.

В недела програмата “Ноќ на Оскарите“ ќе започне во 22:15 на ТВ Телма со филмот Оскаровец „Зелената книга“, во 00:30 започнува преносот од Црвената патека, а во 02 часот е почетокот на 93-те Оскари.

Снимка од Оскаровското шоу во траење од 2 часа ќе се емитува во понеделник во 19:15.

Вечерва од 22:15 на ТВ Телма е емисијата „Патот на Оскарите“  со Миланка Рашиќ.

Американската Академија за филмски науки и уметност најавува поинакво издание на  Оскаровското шоу, но секако гламурозно и возбудливо.

-93-то доделување на Оскарите в недела ќе биде еден од ретките настани во светски рамки на кој ќе присуствуваат големи филмски имиња, со што се одвојува од сите други манифестации кои се одржаа во време на пандемија и воглавно ја користеа апликацијата Зум.  Номинираните и презентерите на најпрестижните филмски награди ќе бидат во Јунион Стејшн Лос Анџелес и во Театарот Долби во Холивуд, а ќе има и сателитски вклучувања од повеќе локации ширум светот, вели за „Независен“ Рашиќ.

Хали Бери, Бред Пит, Хоакин Финикс, Рита Морено, Анџела Басет, Лора Дерн, Риз Видерспун, Рене Зелвегер, Зендаја се дел од ѕвездите кои ќе бидат дел од шоуто.

На доделувањето на Оскари петте номинирани филмски песни ќе ги изведат Лаура Паузини, Дајан Ворен, Селест, H.E.R., Лесли Одом Џуниор, Даниел Пембертон, Моли Санден.

Драмата „Менк“ на режисерот Дејвид Финчер освои 10 номинации. Ќе се бори за Оскарот за најдобар филм заедно со „Земја на номадите“,  „Татко“, „Јуда и црниот Месија“, „Минари“,„Надежна млада жена“, „Звукот на металот“ и „Судењето на седумте од Чикаго“.(Л.С.)