Екопатролата на „Комунална хигиена“ затекнала 51 неправилно одлагање на отпад


Еко-патролата на ЈП „Комунална хигиена“-Скопје спроведува секојдневни дежурства на локациите каде што е констатирано континуирано непрописно одлагање отпад на јавни површини.


Во текот на месецот јуни, со континуирани дежурства се покриваа десетина локации во општините Ѓорче Петров и Чаир, додека неделава беа реализирани дежурства и во скопските општини Гази Баба, Аеродром, Центар и Карпош.

Во текот на минатиот месец се изготвени вкупно 51 информативно-едукативни записници за лица коишто се затекнати при неправилно одлагање отпад.


„Според Оперативната програма за собирање и транспортирање на комуналниот отпад, екипите на ЈП „Комунална хигиена“-Скопје ги празнат контејнерите поставени на територијата на градот Скопје еднаш во текот на денот, седум дена во неделата. Но и покрај фактот дека отпадот
одложен во садовите се подигнува и транспортира секој ден, повторно сме соочени со масовно одлагање отпад на јавни и сообраќајни површини. Преку дежурствата на нашата Еко-патрола се обидуваме максимално да ја превенираме појавата на диви депонии, но би сакала да истакнам дека ЈП „Комунална хигиена“-Скопје нема надлежност да ги казнува прекршителите на
Законот за јавна чистота, туку истите само да ги информира и едуцира.


Екипите на ЈП „Комунална хигиена“-Скопје се задолжени да го соберат и да го транспортираат отпадот одложен во садовите, но дали локациите ќе останат чисти и по заминувањето на нашите екипи, во најголема мера зависи од постапките на самите граѓани“, – истакна директорката на ЈП „Комунална хигиена“-Скопје, Косана Николиќ Мазнева.