Економско – социјален совет: социјалниот дијалог важен за граѓаните и стопанството

Во Министерството за труд и социјална политика денеска се оддржа седница на Економско-социјалиот совет на која претседаваше министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска.

На седницата на ЕСС присуствуваше и Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, како член на ЕСС и останатите членови на ЕСС односно претставници на Сојузот на синдикатите на РСМ и претставници на Организација на работодавачи на Македонија.

Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска посочи дека продлабочувањето на дијалогот помеѓу работодавачите, синдикатите како претставници на работниците и Владата е од особено значење, особено во насока на носење на законски решенија кои ќе бидат во интерес на сите страни и на кои ќе им претходи добра анализа и консултации од страна на сите учесници.

Вицепремиерот Фатмир Битиќи од своја страна истакна дека средбите како денешната и впечатокот дека сите членови на ЕСС се на иста линија е од големо значење во насока дека сите чинители кои придонесуваат за развој на државата се согласни и отворени за дијалог. Тој воедно предложи вакви средби да се оддржуваат редовно, најмалку еднаш во месецот.

Од страна на останатите членови на ЕСС предлогот за почести средби и отворен социјален дијалог беше поддржана и поздравена.

Денешната седница на ЕСС беше во насока на првично претставување и запознавање на членовите и министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска и изнесување на клучните пораки за кои се залагаат сите вклучени и важни чинители за граѓаните, стопанството, за државата.