Економската размена меѓу Србија и Македонија на историски највисоко ниво

Српскиот министер за надворешни работи, Никола Селаковиќ, во посета на Скопје. Не одговараше на прашања поврзани со руската инвазија врз Украина


Бујар Османи и Никола Селаковиќ (Фото: Б. Грданоски)

 

Србија и Македонија достигнаа историско ниво на економско-трговска размена од над една милијадра евра, која се очекува да порасне со развој на иницијативата Отворен Балкан, оцени шефот на дипломатијата на Србија Никола Селаковиќ  на денешната заедничка прес-конференција во Скопје со неговиот македонски колега Бујар Османи.

„Констатиравме со посебно задоволство дека во 2021 година нашата економско-трговска размена достигнала нешто што е историско ниво, милијарда и 120 милиони евра и со тоа го надминавме нивото на размена од периодот пред пандемијата со Ковид -19. Нашиот извоз во Република Северна Македонија стигна до историско ниво од 815 милиони евра, но она што сакам со посебно внимание да го кажам е дека во минатата година и увозот од Македонија во Србија е зголемен за 41,7 отсто. Нашата вкупна економска размена е зголемена за 30,4 отсто и уверени сме дека со натамошното спроведување и оживување на иницијативата ‘Отворен Балкан’ кој го гледаме како голема шанса за регионот нашата трговска и економска размена ќе продолжи да расте“, рече Селаковиќ.  

Османи нагласи дека соработката со Србија на економски план е исклучителна широка. „Тоа е еден од клучните приоритети и на сите регионални иницијативи без разлика дали се работи за Берлински процес или за ‘Отворен Балкан’. Да создадеме заеднички регионален пазар не како крајна цел, туку како подготвителна фаза за големиот европски пазар кон којшто сите тежнееме. Независно дали се работи за нашите економии или за големите мултинационални концерни на сите нив им е потребен интегриран пазар, олеснето движење и слободен проток. Се разбира дека нашиот став е дека тој процес треба да биде инклузивен со сите шест земји во регионот во рамноправни услови“, рече шефот на македонската дипломатија.

На средбата станало збор и за дијалогот меѓу Србија и Косово. Османи рече дека изразил поддршка на дијалогот со посредство на ЕУ и ги охрабрил на што поскоро затворање на сите отворени прашања во регионот и придвижување кон помирување и кон целосна европска интеграција на регионот. Селаковиќ изјави дека Белград е посветен на дијалогот како единствено прифатливо решение за кое било политичко прашање.

На средбата станало збор и за ситуацијата во Украина и регионот.

„Секако разговаравме и за најновите актуелности поврзани со руската инвазија во Украина и го презентирав нашиот став дека воениот конфликт мора да престане веднаш и треба да деескалираат состојбите и да се даде шанса на дипломатијата“, рече Османи.

На прес-конференцијата, не беа овозможени новинарски прашања за српскиот министер, а самиот во обраќањето не го изнесе ставот на Србија во однос на кризата.

Селаковиќ беше примен и од претседателот Стево Пендаровски и според соопштението од Кабинетот тие двајца разговарале за пријателските односи меѓу двете земји, битаката со пандемијата на ковид и економската соработка.

Повод за посетата на Селаковиќ на Скопје беше потпишувањето на Спогодбата за отворање на културно-информативни центри на Република Северна Македонија во Белград и Република Србија во Скопје која треба да придонесе за создавање услови за зголемување и зајакнување на културната  размена и поврзаноста меѓу граѓаните во двете земји. (МИА)