Економската директорка на Токсикологија сака да вработи лица без соодветно образование


Фото: Б. Грданоски

Нико Беќаровски заедно со уште пет докторки од Стручниот колегиум на Клиниката за токсикологија денеска јавно го кренаа гласот против самоволието на економската директорка на Клиниката за токсикологија Бесија Иљази.Докторите велат дека таа не дозволува да се вработат двајца дипломирани биолози и еден болничар, туку да се вработат 18 лица на кои им истекоа договорите за дело на 31.12.2023. Меѓу нив имало лица кои немаат соодветно образование за тука, рече денеска Беќаровски како раководител на Одделението за интензивна нега на Клиниката. Eдниот од нив, болничар, вршел притисок врз лаборантот урина во која имало наркотици, да биде сменета со урина која е чиста, ама лаборантот не прифатил.

Иако Иљази е поставена како организациска директорка на 14 февруари, тие немаат видено документи нити за образованието, нити за познавање јазици. Беќаровски дополни дека после секој состанок на стручните колегиуми таа не ги почитува договорите. Веќе подолго време за Иљзи се пишува во медиумите дека не комуницира на службениот јазик и дека на работното место се задржувала само четири и пол часа.

„Последниот состанок беше пред две и пол недели. Таа не знае македонски, јас пробав да комуницирам на англиски јазик, и не знам дали ме разбра. Сите разговори ѝ ги преведува друго лице, кое е меѓу тие 18 лица за кои таа инсистира да се вработат“, рече д-р Беќаровски.
 
За тие 18 лица на кои им се истечени договорите, д-р Беќаровски кажа дека иако немаат никаква обврска, доаѓаат на работа, облекуваат мантили и доаѓаат и на визита.Тој уште на почетокот кажа дека сите лица присутни на прес-конференцијата се реномирани доктори со над 25 години стаж, дека не се активни членови на ниту една политичка партија и затоа одбиваат да бидат вклучени во какви било политички конотации. Во моментов не функционира Токсиколошката лабораторија, докторите се снаоѓаат со тестови и со еден лаборант, и тие им се за нивна внатрешна употреба чисто да знаат за какво труење станува збор. 

Министерот за здравство Илир Демири најави денес дека ќе го разреши медицинскиот директор на Клиниката за токсикологија, д-р Данил Петровски, но не и економската директорка  бидејќи немал сознанија за прекршок.На новинарско прашање какво образование има Иљази, министерот рече дека има високо образование, но не знае какво.

Преку писмо до медиумите вчера реагираа вработени од оваа Клиника, и рекоа дека в. д. организациската директорка на Клиниката за токсикологија Бесија Иљази го зголеми долгот на инстутуцијата, не доаѓа на работа и не потпишува клучни документи. Иљази беше назначена на 14 февруари, на ден пред формирање техничка влада, а вработените реагираат дека била поставена иако не ги исполнува условите пропишани со закон за директори, и оттогаш се случува дезорганизација, а не организација.

„Испратив Трудов инспекторат и Државен санитарен и здравствен инспекторат да ги проверат вчерашните наводи од писмото на вработените од Токсикологија“, рече Демири.