Економијата на Словенија падна за 13 проценти во вториот квартал
ЉУБЉАНА – Економијата на Словенија се намали за 13 проценти на годишно ниво во вториот квартал на 2020 година, соопшти Заводот за статистика во понеделникот, бидејќи пандемијата на Ковид-19 ги намали трошоците на домаќинствата и извозот.
Банката на Словенија во понеделникот подоцна соопшти дека падот е во согласност со очекувањата и дека првичните податоци за третиот квартал „укажуваат на брз скок на економскиот раст во текот на остатокот од годината“, иако ризиците остануваат високи.
Трошоците на домаќинствата паднаа за 16,6 отсто на годишно ниво во споредба со падот од 5,8 проценти во претходниот квартал, додека извозот беше помал за 24,5 отсто. Инвестициите се намалија за 12,8 отсто наспроти истиот квартал лани. БДП во првата половина на 2020 година е намален за 7,9 отсто на годишно ниво.
„Повеќето компоненти на БДП се намалија во вториот квартал, додека падот на домашните трошоци имаше најголемо влијание врз падот на БДП“, рече Заводот за статистика во својот извештај.
Словенија воведе општо заклучување против корона вирусот кон средината на март и почна да го крева постепено во втората половина на април. Во мај таа стана првата европска земја што прогласи крај на својата епидемија на Ковид-19. Досега има пријавено 2.883 случаи на корона вирус и 133 смртни случаи.
Аналитичарите велат дека се сигурни оти вториот квартал е најниската точка и економските перформанси ќе се подобрат во наредните квартали.
Владата очекува економијата да се намали за 7,6 отсто во текот на целата 2020 година и да порасне за 4,5 проценти во 2021 година. Банката на Словенија во понеделникот ја потврди својата јунска прогноза според која БДП ќе падне за 6,5 проценти оваа година.
Економијата насочена кон извозот на Словенија се зголеми за 2,4 отсто во 2019 година. Во нејзиниот главен извоз беа вклучени автомобили, делови за автомобили, фармацевтски производи и апарати за домаќинство. (Ројтерс)