Еколошкото востание одржа протест пред српската Влада


Организацијата Еколошко востание одржа протести против плановите на Рио Тинто да отвори рудник за литиум во областа Јадар кај Лозница, а најголемиот собир оваа сабота беше пред Владата на Србија, од каде беше порачано доколку до Божик не се избрише проектот „Јадар“ дека следуваат блокади и „општа мобилизација“, јави дописникот на МИА од Белград.

Протести се одржаа во Сомбор, Горњи Милановац, Ужице, каде полицијата ги идентификуваше учесниците, но и новинарите, а во Врање имаше перфоманс против Рио Тинто.

Организаторите на собирот ги повикаа граѓаните на протест откако од Просторниот план на градот Лозница беше избришан рудникот за литиум на компанијата „Рио Тинто“, нагласувајќи дека тоа е „еден успешен чекор“, но дека се уште не веруваат на зборот на властите.

Еден од организаторите на протестот, Александар Јовановиќ Чута, порача дека претседателот Александар Вучиќ има рок до Божик да го избрише проектот „Јадар“ од Просторниот план и да им достави се што е потпишано од страна на неговата Влада, но и од 2004 година наваму.