Еколошките автобуси на Шилегов тргнаа од Хрватска


Градоначалникот на Скопје, на Фејсбук се пофали дека еколошките автобуси кои ќе циркулираат во јавниот градски сообраќај во Скопје, тргнале од Хрватска кон Македонија.

„Некогаш треба да си упорен. Секогаш треба да веруваш. Моето, твоето, нашето Скопје…“, пишува градоначалникот во серијата постови под мотото – Скопје, една поинаква приказна.

Од МАН центарот во Хрватска, пак напишаа дека седум од 33 набавени автобуси за ЈСП „Скопје“ денеска тргнале од Загреб. „Автобусте се набавени преку проектот на ЕБРД, а тендерот го доби „Ауто Хрватска ПСЦ“, пишуваат Хрватите.

ЈСП „Скопје“ набави 33 еколошки автобуси, кои ќе се движат на гас, од производителот МАН, а тие треба да придонесат за почист воздух во главниот град.

Според Шилегов, со овие нови 33 градски автобуси кои што ќе бидат на гас, заштедата ќе биде 700.000 евра годишно.

Парите за автобусите се обезбедени преку Договорот за користење заем од ЕБОР во висина од 10 милиони евра, кој беше потпишан во јануари лани. Со тие пари плус со 1,8 милиони евра од сопствено учество на ЈСП „Скопје“ треба да се набават околу 35-те нископодни (зглобни и моно автобуси), соопштија тогаш од сообраќајното претпријатие.

Се очекуваше новите автобуси да се пуштат во сообраќај во април 2020 година, но поради пандемијата од корона вирус тоа се одложи.

Допрва ќе се одлучува на кои релации ќе сообраќаат новите еко-автобуси..

Еко-автобусите имаат повеќе предности. Тие ќе овозможат побрз и пофункционален јавен превоз, а значително ќе се придонесе и за подобрување на квалитетот на воздухот.(Б.Б.)