Екологијата и хигиената ќе станат дел од училишната настава


Медиумската и дигиталната писменост, како и екологијата и хигиената ќе станат дел од училишната настава, најави премиерот Зоран Заев на денешната прес-конференција, коментирајќи го новиот концепт за основното образование, со кој се предвидува спојување на повеќе предмети во еден.

Заев рече дека медиумската писменост ќе стане дел од наставата со цел да им се помогне на младите генерации да бидат силни отпорници на лажните вести.

Тој рече дека Владата има обврска и одговорност да се спротистави на дезинформациите и да ги спречи штетите кои ги нанесуваат лажните вести.

„Во образованието вклучуваме медиумска и дигитална писменост, содржини за антикорупција, екологија, но и содржини и часови по хигиена која се покажа како круцијална во борбата со Ковид-19. Се разбира, новите содржини не одат на сметка на постоечките. Учениците и натаму ќе учат историја, географија, хемија, биологија и се друго што е неопходно за нивните знаења. Но, за оваа работа низ дебата ќе го избереме најдобриот модел“, нагласи Заев.