Екологијата еден од приоритетите – засилена контрола, санација на индустриските жаришта и казни за загадувачите


Планско и интензивно раззеленување на државата, нови законски решенија, заострување на казните во областа заштита на животната средина, засилена контрола во градежништвото и при увоз и извоз на отпад, собирање, складирање и третман на сите видови отпад. Вонредна контрола на сите издадените дозволи за управување со отпад. Зајакната инспекциска контрола на правните лица кои поседуваат дозволи за собирање, транспорт и третман на отпад (особено медицински и останати видови опасен отпад). Ова се дел од она што Владата го најавува во својата програма за следните четири години.

Владата, како што се наведува во програмата, ќе се води од следниве принципи: борбата против климатските промени на глобално ниво, како составен дел на сите секторски политики, превентивно дејствување (пред да настане штетата, односно загадувањето), загадувачот плаќа (трошоците за заштита на животната средина треба да ги сноси правното или физичкото лице кое ја загрозува животната средина), борба против нарушување на животната средина на самиот извор на загадувањето (каде е поедноставно и поекономично да се отстранат последиците од загадувањето) и интегрирање на заштитата на животната средина во другите политики (земјоделство, транспорт, енергетика, индустриска политика итн.).

– Се залагаме за долгорочен одржлив развој што се темели на грижливо користење на природните ресурси. Контролата и намалувањето на загадувањето останува една од основните цели. Ова вклучува употреба на еколошки горива и користење на обновливи извори на енергија, промовирање на одржливо управување со отпад, правилно и правично управување со водите и зелен транспорт. Ја поддржуваме циркуларната економија преку која ќе се намалат количините на отпад поради повторна употреба и рециклирање на материјалите и производите, стои во програмата.

Владата ќе се залага до 2024 ниту една државна институција да не се грее со стари и нееколошки системи за греење. Сите јавни институции се мапирани и ќе се донесат одлуки за најсоодветните решенија, како поврзање на централно парно греење, на гас, користење на високоефикасни инвертер клима уреди или топлотни пумпи.

– До крај на 2020 воведуваме постојана 24/7 контрола на Државниот инспекторат за животна средина и локалните инспекторати, ги вмрежуваме државниот и локалните капацитети и ќе ги зголемиме нивните ингеренции. По акредитација на методи на нив ќе им биде ставена целосно на располагање Централната лабораторија за животна средина, а Државниот инспекторат секоја година ќе потпишува договори за соработка со акредитирани лаборатории за суперконтрола, се наведува во програмата.

Од Владата најавуваат заострување на казните само во областа на заштита на животната средина поради, како што велат, лошото искуство од неажурност на институциите и бирократско водење на постапките. Ќе има кривична одговорност за оние кои незаконски ја загадуваат животната средина и го загрозуваат здравјето поради профит. Секој кој ќе биде констатирано дека ги прекршил правилата и процедурите ќе ја изгуби лиценцата и дозволите поради неодговорно однесување и неисполнување на законските обврски.

Новата Влада планира во првите две години да вложи 5 милиони евра за енергетска ефикасност на јавните објекти за да ја намали потрошувачката и загадувањето.

Првите две години на мандатот, Владата најавува дека ќе ги посвети на планско, но интензивно зазеленување на државата, а особено најзагадените градови. Согласно планот, ќе има поставување на зелени коридори и бариери/ѕидови на критични точки како зелен ѕид на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, поголема запуштена површина ќе биде заменета со урбано зеленило и соодветна урбана опрема, обврска за зелени зони околу индустриските капацитети, пошумување во касарни.

Ќе почне промена во политиките за јавен транспорт. Владата ќе даде поддршка на Град Скопје, кој почнува изградба на систем „Bus Rapid Transport“ – брз транспорт со трамвај (со кредитна линија од ЕБРД). Планирано е воведување покомплексен систем на субвенции и даночни олеснувања за набавка на „еколошки“ возила (на електричен и хибриден погон), замена на нееколошко гориво со гас кај транспортни средства (особено за транспортери на стоки, такси возила и сл.) и набавка на велосипеди.

Се најавува унапредување на велосипедскиот сообраќај и воведување зони со ниска емисија или зона со забрана на сообраќај за тешки товарни возила, временски распоред за достава на стоки, локална политика на паркирање (особено во близина на јавни објекти, пред се градинки, училишта и здравствени објекти). Ќе се инвестира во дополнителни мерни станици низ државата и посебна софтверска апликација која ќе овозможи полесен и потранспарентен приказ на состојбата со ПМ честичките, како по датум, така и по локација, со соодветни прегледи и извештаи.

-Во 2021 година ќе воведеме систем во четири нивоа на опасност за рана најава на поволна временска прогноза за појава на зголемено загадување на воздухот, кој ќе биде дел од постоечкиот систем за рана најава во УХМР. Податоците за емисиите од големите загадувачки капацитети ќе им бидат достапни на граѓаните во реално време, како и Катастарот за животна средина, регистрите за испуштање и пренесување на загадувачки материи, регистрите на издадените еколошки дозволи и одобрени елаборати, стои во програмата.

Од Владата велат дека ќе дадат поддршка на иницијативите за поставување мерни станици со пропишување на различни категории мерни инструменти, според нивната прецизност на мерењата со цел детектирање на локалните доминантни извори на загадување на воздухот.  Најавуваат намалување на законски дефинираните гранични вредности на загадувачките супстанции во воздухот (на пониско ниво) и зголемување на стандардите за квалитет на горива во насока на контрола на повеќе параметри.

– Ќе донесеме законско решение за дефинирање на стандард за квалитет на пелети. Во 2021 ќе воведеме мерење на зацрнетоста на чадот по соодветни стандарди. Во 2021 ќе го донесеме Законот за индустриски емисии и од 2023 ќе обезбедиме меки кредитни линии за набавка на опрема и нови технологии за намалување на загадувањето на животната средина за малите, средни и големи капацитети. За истата ќе обезбедиме и даночни олеснувања при увоз, најавуваат од Владата.

Се планира да се обезбеди засилена контрола над работата на станиците за технички преглед на возила заради задолжително контролирање на издувните гасови од возилата што се регистрираат. При регистрирање на возило во сообраќајот кое ги надминува пропишаните мерки, веднаш ќе се активира контрола и одговорност за станицата која истото го одобрила, а возилото времено ќе биде отстрането од сообраќајот.

-Ќе помогнеме на малите и средните претпријатија да се прилагодат на новите еколошки стандарди. Ќе ги мапираме малите и средните компании кои користат дел од својот отпад за затоплување на просториите, а со тоа го загадуваат воздухот и ќе ги повикаме да учествуваат во повикот за субвенционирање на еко-опрема за мали и средни компании, стои во програмата.

Власта ќе предложи закон со кој ќе се формира комунална полиција на локално ниво, со која ќе можат досегашните комунални инспектори и Еко патроли заеднички да преземаат мерки за сторителите на штетните активности: одлагање на отпад на места кои не се предвидени за тоа, создавање на диви депонии од градежен и мешан комунален отпад, палење на гуми и останати високоштетни материи, палење и уништување на контејнери и сл. со мандатни казни. Комуналната полиција ќе почна да функционира во 2021.

Најавуваат засилена контрола на градилиштата и почитување и контрола на енергетските и други критериуми при градба и реконструкција на објекти.

-Преку проектот „Зајакнување на капацитетите на централно ниво за намалување на цврсти честички во воздух преку користење на нуклеарни технологии“ од IAEA (Меѓународна агенција за атомска енергија) со 235.990 евра ќе се набави инструмент кој користи нуклеарни технологии за анализа на составот на PM честичките, набавка на семплери за земање на примероци на воздух, спроведување на мерна кампања и подготовка на национална студија за одредување на главните извори на PM во поголемите градови во Македонија, се вели во програмата.

-Наша цел е до крајот на 2025 година минимум 60 отсто од тежината на отпадот од пакувањето што е создаден на територијата на Република Северна Македонија да се преработи со операции за преработка или да се употреби за добивање енергија, а до крајот на 2025 година минимум 55 отсто, а максимум 80 отсто од тежината на отпадот од пакувањето што е создаден и собран на територијата на Република Северна Македонија да се рециклира. Во 2020 ќе го донесеме Националниот план за превенција на отпад како национална цел и политика за создавање, намалување, повторна употреба и рециклирање на отпадот (2020-2026).

Од Владата велат дека континуирано ќе спроведуваат активности за поставување системи согласно новите шест закони за посебните текови на отпад, заради унапредување на примарната селекција на посебните текови на отпад (отпадна пластика и хартија, отпадна опрема од домаќинствата, отпадните гуми и масла, искористени возила и отпадот од текстил). Ќе се работи на интегрирана регионална инфраструктура за собирање и третман на отпадот, со акцент на одделно собирање, на местото каде се создава отпадот, на материјали кои може да се рециклираат, како и на третман на биоразградливиот отпад. Во програмата стои дека вкупното намалување за периодот 2020-2026 на биоразградливиот отпад што се отстранува на депониите ќе биде 25 отсто.

Владата ветува дека ќе се залага да помогне во расчистување на диви депонии, да продолжи осовременувањето на депониите, ќе ги поддржува локалните власти во борбата за чиста околина, ќе обезбеди директна поддршка за набавка на 10.000 канти и контејнери на годишно ниво. До 2024 постепено ќе се забрани употребата на пластични ќеси во малопродажба. Владата до 2024 година ќе изработи нов просторен план на државата за наредните 15 години.

-Ќе се зафатиме со решавање и на останатите критични жаришта. Ќе направиме санација на индустриско жариште – ревитализација на депонија за индустриски отпад од рудник во Радуша и Јегуновце. Редовно ќе се оддржува системот СКАДА и пумпна станица во депонија Јегуновце и ќе се санира таложник во пречистителна станица Јегуновце. Ќе се спроведе санацијата на индустриското жариште, односно ќе се реши проблемот со линданот во хемискиот комбинат ОХИС, Скопје (отстранување од една од двете локации со соодветна технологија и ревитализација на локација) со обезбедени 15,5 милиони долари. Ќе се направат испитувања на третата депониска локација во ОХИС, стои во програмата.

Ќе биде воведена забрана за изградба на нови мали хидроелектрани во заштитени подрачја и национални паркови. Владата ќе ја поддржи изградбата на пречистителна станица за Град Скопје (136 милиони евра со вклучени 10 милиони евра грант компонента). Предвидени се рехабилитации на канализациски мрежи во повеќе општини, изградби на пречистителни станици, зголемување на процентот на заштитени подрачја. Планот на Владата е Шар Планина да се развива како национален парк. Ќе се изготват нови планови за управување со националните паркови Пелистер, Галичица и Маврово, ќе се донесат планови за управување со заштитените подрачја (Шар Планина, Осоговски Планини, Преспанско Езеро, Маркови Кули и др.)