„Еко свест“ бара транспарентност околу заштитата на животната средина

Центарот за истражување и информирање на животната средина „Еко Свест“ повикувајќи се на Извештајот на Европската комисија бара земјава да го подобри пристапот до информации, учество на јавноста и консултирање во процесот на носење на одлуки од значење за животната средина и климата. Институциите, велат од „Еко Свест“ треба да бидат повеќе транспарентни и на најсоодветен начин да ги вклучат и информираат граѓаните кога станува збор за носење и имплементирање на политиките во овие сектори.

– Во делот на аерозагадувањето според ЕК недостасува соработка помеѓу институциите, како и имплементација на плановите кои веќе ги имаме. Според нас, меѓусекторска соработка недостасува и во сите други области во поглавјето 27, и сметаме дека е повеќе од потребно сите институции да имаат обучено и стручно лице кое ќе биде посветено на соработката со другите институции во справување со итни теми како аерозагадување, климатски промени, заштита на биодиверзитет. За подобра имплементација на општинските планови за аерозагадување потребно е подобро информирање и консултирање на одлуките со граѓаните како и консултирање на општинските планови со националните како не би имале мерки кои си пречат една на друга, наместо да се надополнуваат, заклучуваат од Еко-Свест.

Според извештајот, на кој се повикуваат од оваа невладина организација, земјава се уште нема систем за селектирање на отпад, за сепарација и рециклирање на целиот отпад кој го создаваме како едно од побарувањата за намалување на емисиите на стакленички гасови. Воспоставување на функционален систем за справување со отпадот е и основно побарување на патот кон зелената економија.

– Иако сме земја со изобилие на водни ресурси, ние сѐ уште лошо ги управуваме и дозволуваме да им се намали квалитетот или целосно да ги загубиме. Секторот води е и еден од секторите ранливи на климатски промени и мораме брзо да ги алармираме сите институции за лошата состојба на водите во земјата и да започнеме интерсекторски пристап кон управување со водните ресурси кој ќе значи долгорочен план со јасни чекори и мерки. Тука се надоврзуваат и забелешките во секторот природа каде мора да има посилна иницијатива и сериозен пристап во имплементација на политиките и законите, особено кога станува збор за спас на трите природни езера и реките во земјата, посочуваат од Еко-Свест.

Европската регулатива од секторот климатски промени сеуште не е транспонирана во националното законодавство. Законот и стратегијата за климатска акција мора соодветно да се консултираат со сите засегнати страни и мора да бидат донесени побрзо. Во овие документи треба  да бидат внесени што повеќе обврски кон ЕУ, бидејќи имаме амбициозна енергетска стратегија која и овие документи би требало да ја следат.