„Еко-славишки” формира кластер на производители на мебел од Македонија и Бугарија


Во рамки на прекуграничната програма за соработка на ЕУ помеѓу Република Бугарија и Северна Македонија, невладината „Еко -славишки” од Ранковце со „Места Валеј Асоцијација” од Разлог, Бугарија, работат на иницијатива за создавање кластер на производители на мебел во прекуграничниот регион со што би се зголемила конкурентноста на сите производители.

Вклучени се вкупно девет општини: Разлог, Банско, Гоце Делчев, Хаџидимово, Сатвча и Герман од Бугарија и Крива Паланка, Кратово и Ранковце од Северна Македонија.

-Како дел од зголемување на конкурентноста се изработуваат социо – економска анализа на регионот и маркетинг анализа, изработен е интегриран веб-сајт www.smartnetworking.eu, што ќе биде достапен до крајот на неделата, промотивен видео материјал, каталог со производи и други активности во прилог на долгорочно поврзување и унапредување на конкурентноста на малите и средни претпријатија што произведуваат мебел во прекуграничниот регион. Имплементацијата на проектот се очекува да придонесе за зголемување на нивната конкурентност преку маркетинг стратегија и промоција на нивниот производ, информира Јован Трајковски од „Еко-славишки”.

Дополнително, како дел од активностите, ќе се одржат два тридневни семинари во Банско со обуки за дигитален маркетинг и вмрежување на сите производители на мебел.

-Исти такви обуки ќе бидат организирани и во Крива Паланка, со организирани посети на производствените капацитети, за да можат да се запознаат поблиску со потенцијалите на локалните фирми, производители на мебел. Последна активност е посета на саем за производители на мебел во Келн, Германија, додава Трајковски.

Проектниот тим работи интензивно на истражување и инвентаризација на производните можности во прекуграничниот регион, социјална оценка од потребите за обуки и формирање кластер, стратегија за развивање на производството на мебел во
прекуграничниот регион, смарт специјализација на производствените можности.

Проектот ќе трае до септември годинава, а се очекува да резултира со оперативен кластер на производители на мебел што ќе комуницира преку веб сајтот, каде што ќе бидат содржани сите информации.