ЕК со 20,5 милиони евра ќе го поддржи медиумскиот плурализам во Европа
Европската комисија денеска објави три повици за предлози во рамките на програмата „Креативна Европа“ за поддршка на професионалното новинарство и медиумскиот плурализам, зајакнување на отпорноста на медиумите и промовирање на медиумската писменост.
За трите повици предвидени се вкупно 20,5 милиони евра. За поддршка на независен европски механизам за брза реакција за следење на кршењата на медиумската слобода во ЕУ и земјите-кандидатки предвидени се три милиони евра.
Со 14 милиони евра ќе се финансираат проекти за новинарски партнерства, подобрување на медиумската соработка и медиуми што работат во локален и јавен интерес, а повикот вклучува две теми – плурализам и соработка.
Третиот повик, вреден 3,5 милиони евра, ќе биде посветен на прекугранични проекти за медиумска писменост што треба да им помогнат на граѓаните да станат медиумски писмени, безбедно да се „снаоѓаат“ во информацискиот простор и да бидат поотпорни на дезинформации, манипулации и мешање од странство.