ЕК: Проверувачите на факти ќе им помагаат на ТикТок и Мета по кризата во Сеута
Брисел – ТикТок и Мета треба поблиску да соработуваат со проверувачите на факти со цел да се спречи нов настан од мигрантската криза, каков што беше оној во Сеута минатиот месец во кој загинаа десетици луѓе, смета Европската комисија.
Под координација на комисијата, проверувачите на факти со познавање на локалната ситуација „можат да укажат на секакви штетни дезинформации поврзани, на пример, со потенцијално ново масовно преминување на границата“, изјави денеска портпаролот на ЕК.
Тоа исто така треба да им помогне на платформите подобро да одлучат која содржина треба да биде отстранета, рече тој, пренесе ДПА.
Десетици илјади луѓе привремено преминаа во шпанската северноафриканска ексклава Сеута од Мароко кон крајот на минатиот месец, предизвикувајќи политички спор околу заштитата на надворешните граници на ЕУ.
Шефицата за дигитална политика на ЕУ, Хена Виркунен, претходно ги критикуваше Мета и ТикТок поради нивното справување со дезинформациите за време на масовните гранични преминувања, повикувајќи на поголем мониторинг на платформите на социјалните мрежи за време на кризи.
Социјалните мрежи се чини дека имале значајна улога во инцидентот. Бројни мигранти изјавија дека видеата и пораките на платформите како ТикТок сугерирале дека вообичаено силно обезбедуваната граница ненадејно била отворена.
Комисијата, Европол и платформата на социјалните мрежи се во секојдневен контакт и ја зголемија координацијата, изјави Виркунен вчера по телефонскиот разговор со шпанскиот министер за дигитална трансформација Оскар Лопез Агеда.