ЕК: При е-здравство се печатат упати, си одат доктори и сестри, здравствените услуги се скапи


Фото: Б. Грданоски

При постоење на систем за електронско здравство, упати на пациентите сè уште им се издаваат на хартија, нема доволно специјалисти, лекарите и медицинскиот персонал заминувaат од јавно во приватно здравство или во странство, трошоците за здравствена заштита што се плаќаат од џеб, се високи… Ова се само некои од забелешките нотирани во последниот извештај на Европската комисија за напредокот на земјава, кои се однесуваат на ресорот здравство. Негативни наоди има и во делот кој се однесува на вакцинацијата, скрининзите на населението, пушењето цигари и т.н.

„Иако примарната здравствена заштита во Северна Македонија се обезбедува бесплатно, нејзиното финансирање е значително под просекот на ЕУ. Опсегот на здравствените услуги и нивната достапност, посебно на специјализираните медицински услуги и нивната географска дистрибуција, се несоодветни. Нема доволно специјалисти, а соодносот на медицински сестри на 100.000 жители е под просекот на ЕУ. Медицинскиот персонал продолжува да го напушта јавниот здравствен сектор во приватниот сектор или пак, заминува во странство. Трошоците за здравствена заштита од џеб се високи, што е пречка за еднаков пристап до здравствената заштита. И покрај постоењето на апликација за е-здравство, упати се издаваат на хартија“, наведено е во извештајот.

Ниска стапка на вакцинација

 

Иако општото ниво на вакцинација донекаде е зголемено, сепак, стапката на вакцинација е ниска за некои болести, се додава во извештајот.

„Свеста и бројот на извршени трансплантации на крв, ткива, клетки и органи се зголемија, иако правната рамка сè уште не е целосно усогласена со онаа на ЕУ и сè уште не е воспоставен ИТ модул за трансплантација на ткиво. Земјата ја започна својата прва кампања за скрининг на рак на дојка. Бројот на скрининг на рак на грлото на матката се удвои во 2023 година, во рамките на релевантната програма за скрининг, и беше извршен одреден колоректален скрининг, сепак, потребен е посеопфатен и попроактивен пристап за скрининг на населението“, се додава во извештајот на ЕК.

Недоволно пари за ретки болести 

 

Во однос на парите што се одвојуваат за ретки болести, во извештајот е наведено дека се  зголемени, но сепак недоволни за покривање на трошоците за медицински третман на сите регистрирани пациенти.

„Следењето на превенцијата од злоупотреба на дрога и намалувањето на штетите поврзани со алкохолот покажуваат средно ниво на злоупотреба. Немаше развој на здрава животна средина. Пушењето сè уште е општо толерирано и несанкционирано во рестораните и другите затворени области, вклучително и јавните канцеларии и некои медицински установи. Земјата сè уште го нема ратификувано Протоколот за елиминирање на недозволената трговија со производи од тутун“, пишува во извештајот.

Најголем проблем е партизацијата на здравството 

 

Во ресорот здравство, најголем проблем е партизацијата, а оттаму потекнуваат сите негативни наоди во извештајот за напредокот на земјава, смета проф. д-р Никола Пановски. Според него, многу сме далеку од позитивен извештај на ЕК, бидејќи народот е незадоволен од состојбите во здравството.

„Мора да се тргнат партиите и политизацијата од овој ресор. Без тоа нема напредок. Може да имаме најмодерна опрема, но ако на луѓето (лекарите и медицинскиот персонал) им се убива ентузијазмот, тешко дека работите може да се подобрат. На позиции ставени се стучни лица кои не се ниту специјалисти во клинката што ја водат, примери за тоа има неколку. Во однос на специјализациите, не можам да најдам податок каде недостигаат специјалисти. Тоа треба да се каже јавно. Имаме најмногу специјалисти по пластична хирургија, а најмалку потреба имаме од тоа. Но, тоа носи профит. Иако имаме недостиг, сепак има доктори кои се без работа и мака мачат да се вработат, бидејќи Министерството за финансии не им дава одобренија. Многу работи би се средиле ако ја нема партизацијата“, смета Пановски.

Во врска со електронското здравство и фактот што сè уште упати се издаваат на хартија, тој смета дека тоа е така за да може да ѝ се најде работа на големата админстрација во здравството, која го задушува.

„Со е-здравство таа адмиистрација треба да се сведе на 20 отсто од сегашната, а тоа на политичарите не им одговара“, оценува тој.

Нема веб-платформа со информации за заштита на потрошувачите

 

Во извештајот за напредокот на земјава, има критики и во делот кој се однесува на заштитата на потрошувачите, за кој е потенцирано дека националното законодавство не е усогласено со она на ЕУ.

„Следната тригодишна стратегија за заштита на потрошувачите (2025-2028) допрвo треба да се усвои, а нема ниту веб-платформа која обезбедува информации за заштита на потрошувачите. Националното законодавство има високо ниво на усогласеност со правото на ЕУ за општа безбедност на производите и тој е делумно усогласен со законските барања за системот за брзо предупредување на ЕУ за опасни непрехранбени производи. Државниот пазарен инспекторат во 2023 година обезбедил 809 инспекции за надзор на пазарот, што резултирало со повлекување на 37 производи од пазарот. Бројот на инспектори (170) и понатаму е недоволен, а многумина се блиску до пензија“, наведено е во извештајот.

И ланскиот извештај во делот на здравството не беше поволен. Беше наведено дека има бројни предивици кои остануваат да се решат во областа на јавното здравје, a Мета.мк конкретно пишуваше за иселувањето на младите лекари од земјава.  Несоодветниот медицински едукативен процес, бирокатските процедури за да се отвори ординација, платите кои не се на завидно ниво и немањето финансиска поддршка по завршување на студиите се некои од главните причини кои ги тераат младите лекари и специјалисти да се иселуваат од земјата. Според наоди на Македонското лекарско друштво, за десет години бројот на лекари во земјава се намалил за дури 2.000. (Мета)